Есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) е исклучително значајна за земјите од Западен Балкан и за Република Северна Македонија, со оглед дека претставниците на парламентите од 46-те земји членки на Советот на Европа ќе расправаат по извештајот на грчкиот пратеник Јоргос Папандреу за поддршка на европските перспективи на Западен Балкан, а во дебатата треба да биде вклучена и македонската парламентарна делегација, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Членовите на македонската собраниска делегација, предводена од Дарко Каевски од СДСМ, а во чиј состав се и Арта Билали Зендели од ДУИ и Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, веќе се имаат пријавено за дебатата по извештајот на Папандреу за поддршка на европските перспективи на Западен Балкан.

Пратеникот Александар Николоски најави рече дека при неговиот настап ќе ја потенцира улогата на земјава, како фактор на демократија и стабилност на целиот регион.

– Но, исто така ќе кажам дека Македонија долги години чека да ги отпочне преговорите за членство во ЕУ. Тоа е неправедно, затоа што најпрво Грција ја блокираше Македонија со своето вето да ги отпочне преговорите, а сега тоа го прави Бугарија, изјави Николоски.

Според Николоски, Бугарија тоа го прави на најлош можен начин, оспорувајќи го македонскиот национален идентитет, македонската засебност, култура и историја, како и самобитноста и постоењето на македонскиот јазик.

Николоски оцени дека ваквото однесување на Бугарија „не се европски вредности“.

– Тоа не се вредности кои што се делат во Советот на Европа и Европската Унија. Тоа не се вредности кои што се признати во Стразбур и Брисел. И затоа е многу значајно целокупна Европа да застане позади Македонија и да поддржи почеток на преговорите со ЕУ без никакви дополнителни условувања од страна на Бугарија, додаде Николски.

Николоски смета дека промената на Уставот што го бара Бугарија е „директно надирање во внатрешните работи на Македонија и не смее да биде услов за почеток на преговори со ЕУ“.