Со литературна вечер, креативно едукативни работилници, средби со издавачи и потпишување меморандуми за соработка, успешно заврши манифестацијата „Денови на македонската литература за деца 2026“ во Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Тирана, Албанија. Настанот од 12 до 14 ноември беше организиран од ЕДУКА МАК – Скопје во соработка со КИЦ-Тирана, со поддршка на Министерството за култура и туризам, со цел афирмација на македонската литература за деца и зајакнување на културната соработка меѓу двете земји.
Во рамки на програмата, како што информираат организаторите, биле реализирани бројни програмски активности и низа содржини во чиј фокус била улогата на книгата за деца како најсилен мост на културно зближување и соработка.
Литературната вечер во просториите на македонскиот КИЦ во Тирана ја отворила директорката проф. д-р Ема Попивода.
За сите фази од програмските активности говорела програмската уредничка на проектот Ели Маказлиева, а модератор била Верица Мукоска – лекторка по македонски јазик на Универзитетот за странски јазици во Тирана.
Пред публиката се обрати и проф. д-р Елизабета Бандиловска, која говореше за предизвиците и значењето на литературата за деца. На настанот биле претставени десет авторки и нивните најнови книги за деца, а била врачена и плакета на Весна Тодоровска за сликовницата „Грмотевицата што сакаше да стане виножито“, наградена на претходно распишан конкурс. Воедно, биле доделени признанија и благодарници за соработниците и учесниците, а на КИЦ-Тирана му биле донирани повеќе од 100 книги.
Во рамки на манифестацијата биле одржани и креативно едукативни работилници на англиски јазик за деца од предучилишна возраст, при што им биле подарени сликовници преведени од македонски на албански јазик.
Организаторите информираат дека биле реализирани и работни средби со издавачки куќи, на кои биле потпишани меморандуми за соработка насочени кон превод и промоција на книги за деца во наредниот период.
Дополнително, остварена била средба со Друштвото на Македонците во Тирана и неговата претседателка Елена Симонофски, при што бил потпишан меморандум за соработка и биле донирани книги со цел да се поддржи негувањето на македонскиот јазик кај најмладите припадници на македонската заедница во Албанија.
