Македонски туристи предупредуваат на серија кражби во Грција, откако останале без пет пасоши и други патни документи, кои им биле украдени од автомобил додека биле на плажа и на ручек.
Според нивното сведоштво, по враќањето од Сивири застанале на паркингот кај „Sahara Beach Club“, каде планирале да ручаат. Кога се вратиле до возилото, забележале дека автомобилот бил провален, а исчезнала мала чанта во која ги чувале документите.
Во кражбата биле одземени пет пасоши – на македонски државјани, како и на нивни пријатели со португалски и шпански пасоши, заедно со други документи поврзани со патувањето.
Случајот веднаш бил пријавен во грчката полиција, која извршила увид и составила записник. Според туристите, на безбедносните камери е забележана жена за која постои сомневање дека е поврзана со кражбата.
Тие апелираат до сите што летуваат во Грција да не оставаат пасоши, пари и вредни предмети во автомобилите, дури и кога возилата се паркирани на туристички места и изгледаат безбедно.
Овој случај е уште едно потсетување туристите да бидат особено внимателни со личните документи, бидејќи нивното губење или кражба може значително да го отежне враќањето во матичната држава.
