Македонскиот рубин доби институционална заштита како автентичен минерал со географско потекло, со што државата за првпат заштитува природно минерално богатство од ваков тип. Процесот е заокружен, соопшти министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на брифинг со медиумите, нагласувајќи дека станува збор за минерал што е непроценлив дел од природното, геолошкото и културното наследство на Македонија.

Новиот статус треба да овозможи поголема контрола врз експлоатацијата, обработката и продажбата на македонскиот рубин, како и поголема гаранција дека тоа што на пазарот и на интернет се продава како македонски рубин навистина е корунд од околината на Прилеп.

БИРН пред две години пишуваше дека со децении околу овој скапоцен камен се создавале големи, но нерегулирани бизнис-шеми. Македонскиот рубин се појавува како нус-производ при експлоатацијата на мермер, а оттаму преку различни неформални или полуформални канали стигнувал до купувачи.

Овој минерал завршувал и кај холивудски ѕвезди што присуствувале на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, како и кај римските папи, на кои им бил подаруван при државнички посети, иако досега немало државен документ што ја потврдува неговата автентичност.

Прашањето за експлоатацијата на рубинот го отвори Државниот завод за ревизија во извештајот за експлоатација на минералните суровини, главно посветен на мермерот и на несразмерното богатење на концесионерите на мермерни наоѓалишта во споредба со процентот што го добива државата. Во мал дел од извештајот, кој има 114 страници, било наведено дека иако со рубинот постојат економски активности, тој не е регистриран како минерал и државата од неговото искористување не добива ништо.

Министерството за енергетика во септември минатата година најави дека ќе почне процедура за заштита на македонскиот рубин. Во денешното соопштение се наведува дека постапката е завршена и дека корундот сега има статус на национален полускапоцен камен.

Од Министерството објаснија дека процесот бил комплексен, бидејќи државата првпат поминала низ процедура за заштита на минерал. За тоа била потребна координација меѓу повеќе институции и експерти, меѓу кои Геолошкиот завод, Заводот за индустриска сопственост, државниот советник за рударство Филип Петровски, тим од Министерството, како и долгогодишниот промотор и преработувач на македонскиот рубин, Дејан Шкартов-Деко.

Божиновска најави дека Министерството ќе продолжи со заштита и на други уникатни минерални богатства, меѓу кои и одредени видови македонски мермер.

Во соопштението се додава дека македонскиот рубин е геолошки и естетски уникат – корунд со препознатлива малиново-розова боја, создадена поради присуството на хром во неговата кристална структура. Неговата посебност е и во тоа што се среќава исклучиво во околината на Прилеп и на планините на Мариово, што го прави единствен природен рубин во копнена Европа што се обработува локално.