Бизнимени од Сојузот на стопански комори на Македонија и од Хрватската трговска комора на средбата, организирана во рамки на официјалната посета на претседателот Стево Пендаровски на Хрватска, оценија дека постојат големи можности за подобрување на трговската соработка помеѓу двете држави. Порачаа да се искористат одличните политички односи и да се зајакне економската дипломатија.
– Од сите дипломатии најважна е економската дипломатија и тоа нешто на што мора сами да работите. Бизнисот ја отвора најдобро вратата за каква било соработка. Не треба да нагласуваме дека Хрватска и Македонија имаат многу добри односи, но сето тоа мора сите да го искористиме да ја подобриме и зголемиме трговската размена која минатата година беше некаде околу 221 милион долари, но таа секако има уште простор и потенцијал да се зголеми, изјави Лука Бориловиќ, претседател на Хрватската трговска комора.
Тој се надева на идна соработка и со Сојузот на стопански комори, потенцирајќи дека Хрватската трговска комора е на располагање за поврзување на компаниите во насока на искористување на можностите за соработка.
Како што изјави претседателката на ССК Данела Арсовска, на средбата детектирале дека има навистина голем потенцијал за зголемување на трговската размена која, укажа, во овој момент не се наоѓа на задоволително ниво и покрај тоа што во изминатите години особено во пандемиската година е забележан раст во трговската размена меѓу Македонија и Хрватска.
-Веруваме дека потенцијалот што го детектиравме во делот на индустриското производство, особено во делот на ИКТ индсустријата, но и отворање на нови можности за дестинации помеѓу нашите туристички центри, во Македонија – Охрид и во Хрватска – Сплит или Дубровник дека ќе биде навистина голема можност во овој постпандемиски период да го развиеме и туризмот, што беше една од најзагрозените гранки, изјави Арсовска.
Деловната средба ја отвори претседателот Пендаровски, кој порача дека со заеднички напори, вакцинација, но и активности за владеење на правото како клучно за бизнис климата, ќе се подобри економската соработка и ќе се помогне за нормализирање и развој на економијата по штетите од здравствената криза.
– Оптимистичките сценарија за македонската и хрватската економија се дека четвртиот квартал годинава може да донесе поголеми стапки на економски раст и практично да биде предвесник на она што ќе се случува следната година кога би можеле да очекуваме целосно враќање на економскиот потенцијал како што беше пред 2020 година, потенцираше Пендаровски.
Кога разговараме за економската соработка помеѓу двете држави, но и со другите држави од регионот, нагласи Пендаровски, јасно е дека пандемијата не е единствената причина зошто економската соработка не е на уште повисоко ниво.
– Во нашата економија јасно е дека не се зависи од луѓето во бизнис секторот, јасно е дека се многу значајни стабилноста и интегритетот на институциите, најважно е владеењето на правото, најважно е корупцијата да се сведе на најниско можно ниво за странски инвеститори и бизнисмени да доаѓаат во држава која има предвидлива бизнис клима и стабилен бизнис систем кој може да ги штити нивните права, рече Пендаровски, кој со учеството на деловната средба ја заокружи дводневната официјална посета на Хрватска, во тек на која имаше средби со хрватскиот државен врв.
Директните инвестиции од Хрватска во земјава во 2020 година прикажуват одлив од 0,76 милиони евра. Анализирајќи го периодот од 2010 до 2020 година се забележува дека најголеми инвестиции се направени во 2011 година од осум милиони евра, покажуваат податоците на Стопанската комора на Македонија.
Вкупната трговска размена меѓу двете држави во периодот јануари-април годинава, изнесува 69,9 милиони долари, што претставува раст од 15,42 проценти во однос на истиот период од претходната година. Остварен е извоз од 36,1 милиони долари (раст од 18,02 проценти), додека увозното салдо изнесува 33,7 милиони долари (раст од 12,77 проценти), споредено со истиот период од 2020 година. Во вкупната надворешно-трговска размена е остварен е трговски суфицит од 2,3 милиони долари.
Хрватска е наш 21-ви трговски партнер за периодот јануари-април 2021 година, а 20-ти во 2020 година, кога размената достигна 199 милиони долари, што е раст од 12,54 проценти во однос на претходната 2019 година, но со трговски дефицит од 13,2 милиони долари.