Францускиот претседател, Емануел Макрон, пред враќањето во Париз се осврна на самитот во Брдо, велејќи дека имало добри дискусии за Балканот и проширувањето, но дека се појавиле многу сложени ситуации, така што во преден план на масата се нашле и дискусиите меѓу Македонија и Бугарија.

Имавме многу убава дискусија за Балканот и перспективите за проширување. Имаме многу сложени ситуации меѓу повеќе земји. Дискусиите Србија-Косово, односно Белград-Приштина остануваат многу сложени и затегнати. Поминавме долго време со нивните раководители, заедно со канцеларката Меркел – изјави Макрон.

Тој ги наведе и дискусиите кои се водат меѓу Скопје и Софија, нагласувајќи дека е потребно да му се дадат краткорочни перспективи на регионот.

Во преден план на масата се најдоа и дискусиите меѓу Македонија и Бугарија. Треба да напредуваме по овие прашања. Но, нашата желба е да му се дадат вистински краткорочни перспективи на Балканот. Тој е во Европа, Западен Балкан е во Европа – изјави Макрон.

Францускиот претседател е загрижен од враќањето на историјата и големите тензии во регионот, залагајќи се за заеднички пристап на малцинствата во целиот регион.

Денес на еден начин имаме враќање на историјата и големи тензии, на кои треба да се одговори со политички ангажмани и со инвестирање за да се овозможи поголема трговска, човечка интеграција на регионот. И на крај да имаме политика, да имаме заеднички пристап за начинот на кој се третираат малцинствата, прашање кое го опфаќа целиот регион – изјави Макрон.

Според Макрон, Европската Унија има два предизвика, реформата на своите институции и проширувањето.

Мислам дека ЕУ има два предизвка, иако има многу други ако се гледаат сите прашања, но на институционален план има два. Најпрво треба да се прошириме и да имаме дискусии со соседството, особено Русија и Турција. И истовремено треба длабоко да го трансформираме нашето заедничко функционирање, кое веќе е многу тешко со 27 земји членки, тоа го гледате добро. Ние ја имаме таа двојна задача, која мислам дека е комплементарна – истакна Макрон.

Претседателот на Франција оцени дека ова бил самит на кој се зацртале стратегиите на ЕУ, меѓу кои и агендата за проширувањето.

Ова беше етапен самит. Тој ќе дозволи да се извлечат заклучоци за геополитиката во октомври во Брисел. Ние имаме агенда за да се напредува за нашата надворешна политика, како и за нашата стратешка политика и исто така агенда за политиката за проширувањето – заклучи Макрон