Над 650 прекршоци евидентирани вториот ден од казнувањето
Вториот ден од почетокот на санкционирањето преку системот „Безбеден град“ биле регистрирани вкупно 651 сообраќаен прекршок. Камерите на новиот систем евидентирале дека 585 возачи ја пречекориле дозволената брзина, 50 поминале на црвено светло, додека 16 возила биле нерегистрирани.
Како резултат на прекршувањата, биле изречени и 58 забрани за управување со моторно возило.
Советот за безбедност нотира подобрување во сообраќајот
Од Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата оценуваат дека состојбата во сообраќајот е значително подобрена. Според нив, клучно е да се гради сообраќајна култура, да се зголеми толеранцијата меѓу учесниците во сообраќајот и да се почитува првенството на минување.
„Мора да се работи и на едукација и на системски решенија“, посочуваат од Советот.
Максимална измерена брзина од 178 километри на час
Институциите, според најавите, се координираат и за воведување на таканаречениот зелен бран, со цел побрз и поефикасен проток на возилата.
Камерите на „Сејф сити“ вториот ден од примената на новиот закон регистрирале и максимална брзина од 178 километри на час.
