Градоначалничката на Неготино, Марија Нацева, учествуваше на работилницата организирана од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС). На средбата се разгледуваа реалните можности за посилно вклучување на македонските општини во Реформската агенда што ја спроведува Владата.

Нацева преку објава на социјалната мрежа Фејсбук образложи дека сегашната поставеност на стратегијата не посветува доволно внимание на локалното ниво во споредба со практиките во другите земји од регионот.

„Ова од причина што во постојната агенда има малку активности поврзани со локалните самоуправи споредбено со другите земји од регионот, па токму затоа ги разгледавме можностите за вклучување на општините со повеќе активности“, посочи Нацева.

Според градоначалничката, средбата имала за цел детално да ги скенира реалните капацитети со кои располагаат општинските власти за успешно исполнување на зацртаните реформски процеси на терен.

„Една од целите на состанокот беше и да се идентификуваат финансиските, институционалните, кадровските и техничките услови што влијаат на врз капацитетот на општините за ефективно спроведување на реформите и одржливо обезбедување на локалните услуги“, појасни Нацева.