Министерот за правда Бојан Маричиќ под слоганот „Има Решение“ го најави почетокот на кампањата за промоција на медијацијата како алтернативен начин за решавање на споровите и подигнување на свеста кај граѓаните за придобивките од нејзината примена.
– Алтернативното решавање спорови преку медијација е голем чекор напред не само во насока на забрзување и ефикасност на решавањето спорови, туку и во насока на помодерно решавање на споровите воопшто. Од решавањето на споровите по пат на преговори, корист имаат не само поединците туку и општеството во целост – рече Маричиќ.
Министерот Маричиќ ја истакна важноста на медијацијата и позитивните ефекти од нејзината примена. Потенцираше дека овој начин на вонсудско решавање спорови е поедноставен, трае пократко, чини помалку, доверлив е и без негативни ефекти.
Тој во своето обраќање кажа и дека со користење на медијацијата се намалува бројот на судски предмети и се отвора простор судовите уште поефикасно и ефективно да ја извршуваат својата функција.
– Ова е всушност и еден од начините за враќање и зајакнување на довербата на граѓаните во судството, на која преку сет активности од Стратегијата за реформа на правосудството интензивно работевме бидејќи останува наша примарна цел од која не се откажуваме и на која следниот период убеден сум дека уште поинтензивно ќе се работи-додаде министерот Маричиќ.