Кос: „Северна Македонија е тажна приказна“ – Црна Гора и Албанија најблиску до ЕУ

Македонија е тажна приказна за проширувањето на Европската Унија, изјави комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, во интервју за Радио Слободна Европа. Таа додаде дека земјата чека непропорционално долго за почеток на преговори, иако ги исполнила условите.

„Знаете, ако требаше да чекаме со Украина колку што чека Северна Македонија, Украина ќе ги почнеше преговорите во 2045 година“, изјави Кос.

Повеќе може да погледнете од видеото од продолжение:

Црна Гора – најблиску до членство до крајот на мандатот на ЕК

Според Кос, Црна Гора е најизгледниот кандидат што може да стане нова членка на ЕУ за време на мандатот на актуелната Европска комисија, кој завршува во 2026 година. Таа посочи дека сите преговарачки поглавја со Подгорица се веќе отворени и сега следи нивно затворање.

По Црна Гора, Албанија е следната што би можела да ги заврши преговорите до 2027 година. Сепак тоа ќе зависи и од темпото на реформите, истакна таа.

Северна Македонија и Косово – „тажни приказни“

Комесарката особено ја потенцираше Северна Македонија како пример за фрустрација со процесот:

„Оваа земја покажа волја, направи тешки компромиси, но постојано е заложник на внатрешни и надворешни блокади.“

Таа воедно ја вброи и неспособноста на Косово да оди напред како уште една од тажните приказни на регионот, заедно со нестабилната ситуација во Босна и Херцеговина, каде, според неа, „политичарите го напаѓаат уставниот поредок“, што го прави почетокот на преговорите речиси невозможен.

Србија под лупа: ЕУ со симпатии кон студентските протести

Кос упати јасна порака и до властите во Србија, кои, како што рече, мора да покажат вистинска посветеност кон европскиот пат. Таа откри дека Европската комисија со симпатии гледа на студентските протести во Србија. Според неа тие бараат истото што ЕУ го очекува:

„Демонстрантите бараат владеење на правото, борба против корупцијата, фер избори и слободни медиуми – истите вредности кои се дел од преговарачките критериуми.“

До 2029 – „повеќе од две нови членки“?

Кос не ја исклучува можноста до 2029 година ЕУ да има повеќе од две нови членки, наведувајќи дека и Молдавија, па дури и Украина, би можеле да се придвижат напред, доколку ги исполнат техничките и политичките критериуми.