Ширум Франција денеска продолжуваат масовните протести организирани од младинските движења и Движењето Жолти елеци. Демонстрантите на улиците бараат повисоки плати, значително зголемување на буџетските средства за образованието, како и поефикасна и поголема заштита на децата и адолесцентите.
„За денеска низ цела Франција се очекуваат од 50 до 60 собири“, изјави францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез.
Министерот Нуњез информираше дека за обезбедување на протестите на терен се ангажирани вкупно 70.000 полицајци и припадници на жандармеријата, што е исто ниво на безбедносни сили како и за претходните три демонстрации што започнаа на 24 октомври.
Протестниот бран во Франција започна на 24 октомври и ова претставува веќе четврта последователна сабота во која граѓаните масовно излегуваат на улиците.
Во Париз протестот насочен против високите животни трошоци и цени започна од Плоштадот Република. Поради движењето на демонстрантите, надлежните служби донесоа одлука за затворање на 21 метро станица долж најавената траса.
На собирот во главниот град се очекува приклучување на активистите за борба против насилството врз децата и адолесцентите, заедно со активистите за заштита на климата, при што безбедносните проценки укажуваат дека на париските улици ќе се соберат меѓу 30.000 и 60.000 луѓе.
Покрај главниот град, масовни собири се официјално најавени и во Бордо, Рен, Лион и Марсеј.
Во меѓувреме во Тулуз заврши собирот организиран од страна на левичарските партии и работничките синдикати, кој помина во мирна атмосфера. Според полициските извештаи, на овој настан учествувале 1.800 лица, додека самите организатори соопштија дека нивната бројка достигнала 6.000 учесници.
