Бран протести и национален штрајк свикан од италијанските синдикати предизвикаа прекини во повеќе италијански градови. Граѓаните излегоа на улиците во Рим, Фиренца, Милано, Неапол, Торино, Џенова, Палермо и други населени места, изразувајќи незадоволство од високите животни трошоци и пренасочувањето на јавни средства кон воената индустрија на сметка на здравството и образованието. Безбедносните служби активираа значителни сили со стотици полициски службеници за одржување на редот долж најавените рути на движење.
Во Рим учесниците соопштија дека нивниот број достигнува 100.000 лица и најавија тридневно кампување на просторот околу Колосеумот. За време на собирот демонстрантите извикуваа пароли како „Положете го оружјето, зголемете ги платите“ и порачаа дека имаат рок од два месеци да се спротивстават на владините буџетски мерки и поскапувањата.
Паралелни протестни поворки се регистрирани и во останатите региони на земјата. Во Фиренца маршот организиран од синдикатот USB започна од Пјака Бамбини ди Беслан и продолжи кон Пјака Виторио Венето. Во Милано приближно 10.000 демонстранти, меѓу кои работници, студенти и пропалестински активисти, се собраа пред Главната железничка станица со порака да престане издвојувањето на пари за вооружување на штета на јавните сервиси, при што организаторите побараа протестот да помине мирно.
Во Неапол колоната тргна од плоштадот Пјаца Манчини кон железничката станица, која првично беше блокирана од кордони, но по преговори полицијата овозможи влез за избрана делегација. На протестот доминираа млади лица и локални здруженија кои се спротивставуваат на ниските плати и на воените конфликти во Газа и Украина. Во Торино група од над илјада студенти и активисти од движењата „Промена на курсот“ и „Студентска опозициска алтернатива“ се одвои од главната колона носејќи пароли против воените издатоци.
Во пристанишниот град Џенова меѓу 4.000 и 5.000 пристанишни работници и студенти тргнаа од фериботскиот терминал во марш низ зоната на пристаништето упатувајќи критики кон премиерката Џорџа Мелони и европратеникот Роберто Ваначи. Во Палермо се одржа масовен собир на студенти, пензионери и занаетчии кои маршираа низ градот пеејќи ја песната „Бела чао“ и испраќајќи антифашистички пораки со повик за запирање на економските политики на власта.
