Ѕвездата на Реал Мадрид и француската фудбалска репрезентација, Килијан Мбапе, наводно се нашол на список на потенцијални жртви на група која планирала киднапирања и напади во Франција. Француските власти го третираат случајот како исклучително сериозен, објави „Ле Паризиен“.
Според објавените информации, групата подготвувала серија киднапирања и напади, а списокот на луѓе кои наводно биле избрани како можни жртви бил застрашувачки долг. Покрај Мбапе, на мета биле и богати претприемачи и рапер.
Во центарот на истрагата е 18-годишник, идентификуван како Клемент Л., за кого постои сомнение дека бил организатор или нарачател на серија кривични дела. Тој и неговите наводни соучесници, според истражителите, планирале напади врз богати претприемачи, рапер, како и врз фудбалерот на Реал Мадрид и француската репрезентација.
Истрагата се однесува на настани што се случиле меѓу 11 април и 19 август на подрачјето на неколку француски градови.
Клемент Л. бил идентификуван по нападот врз сопственик на продавница за накит во Неји-сур-Сен во април.
На 21 август, 18-годишникот бил ставен под истрага заедно со наводен соучесник. Осомничениот завршил во притвор и бил ставен во самица, додека вториот осомничен бил ослободен под судски надзор.
