Лидерот на Демократското движење и градоначалник на Чаир, Изет Меџити, денеска изјави дека силно го поддржува потегот на претседателот на Беса, Билал Касами, за отпочнување процес на обединување на политичките субјекти во коалицијата ВРЕДИ.

Меџити посочи дека во повеќе наврати сите лидери од коалицијата разговарале за можноста ВРЕДИ да функционира како единствен политички субјект, бидејќи тоа го бара членството и локалните структури.

Во повеќе наврати и јас и другите лидери од ВРЕДИ сме најавиле дека разговаравме и преговаравме, бидејќи од членството и структурите се бара ВРЕДИ да биде едно. Силно го поддржувам тоа што го направи вчера Билал Касами, бидејќи тоа е чекор напред кон ВРЕДИ да биде едно. Најверојатно во следниот период истото ќе го направат и другите политички субјекти, почнувајќи од моето Демократско движење, истакна Меџити.

Во однос на прашањето кој би бил лидер на евентуално обединетиот политички субјект, Меџити рече дека во оваа фаза не се разговара за персонални решенија.

– Не сме фокусирани на персонални решенија. Прво сакаме да изградиме платформа, идеолошки структури, и потоа ќе дојдеме и до тоа. Има повеќе креативни идеи – ротација, ко претседателство или модел со еден глас за секој независен член. Ќе се дојде до најдоброто решение, додаде Меџити.

Во врска со кадровските прашања во рамки на коалицијата, тој истакна дека секој кадар се оценува според својот учинок и дека при секоја реконструкција се очекуваат промени и подобрувања.