Борбата против корупцијата е тежок процес кој бара колективна акција но и покрај силните заложби на антикорупционерите, политичките влијанија, неказнивоста и злоупотребата на дискреционите овластувања на одредени политички елити се уште претставуваат горлив проблем кој можат да доведат до висок ризик од корупција, вели претседателката на Антикорупција Билјана Ивановска.
-Поради постоење на овие ризици, не се целосно испочитувани препораките и укажувањата кои ДКСК ги упатува до останатите институции во системот. Па така се уште сме сведоци на партиски пазарења за високи раководни позиции кои инаку треба да се пополнат преку јавни огласи, фер конкуренција и мерит систем. Сведоци сме на смена на директори поради политички реваншизам, сведоци сме на вработувања по познати шеми на непотизам, клиентелизам и кронизам.- Билјана Ивановска.
За поефикасна борба против корупцијата, Судскиот совет ги повика граѓаните да пријават случаи на корупција во судството, за што пред неколку месеци е оформена посебна комисија која има обврска да ги анализира пријавите за корупција и да постапува по нив.
– Судскиот совет изразува подготвеност да им излезе во пресрет на сите кои се соочиле со случај на корупција во судовите и затоа ги охрабрува граѓаните наместо да станат дел од коруптивно однесување, да ги пријават оние за кои имаат сознанија дека личните финансиски интереси ги ставаат пред законите и правдата,Стои во соопштението од Судскиот совет.
Дека корупцијата е еден од најголемите проблеми со кој се соочува македонското општество говори и анкетата на МЦМС, на која дури 80% од испитаниците одговориле дека желбата за брзо богатење на оние кои се на власт влијае на широката распространетост на корупцијата, а како најкорумпирани, најголем број од граѓаните ги посочиле судиите, министрите, пратениците и обвинителите.