Мерките од Оперативниот план за вработување да бидат достапни за секој занаетчија, да биде поедноставен начинот за аплицирање и постапката за добивањето на поддршката да биде транспарентна како во изминатиот период. Ова му порача денеска од Занаетчиската комора на заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Засега најатрактивна е мерката Поддршка за креирање нови работни места, но не помал интерес има и за мерката Обука за работно место кај конкретен работодавач. Според претседателот на Занаетчиската комора, Горан Ристовски, кој ги поздрави сите мерки од Оперативниот план, најпривлечни за занаетчиите се помошта за самовработување и поддршката за обука за работно место.

-Актуелните мерки за вработување се значајна алатка во занаетчиството, бидејќи знаеме со какви сè проблеми занаетчиите се соочуваат од аспект на недостиг на работна сила во ова време во кое што имаме и иселување. Меѓутоа, со вакви мерки и со ваков Оперативен план се надеваме дека ќе ги мотивираме младите да останат во државата. Јас особено би ги поздравил мерките за самовработување и за обука кај конкретен работодавач, бидејќи работодавачот може да формира и да обучи кадар. Ние како Занаетчиска комора сакаме овие мерки да бидат достапни за секој занаетчија, да биде поедноставен начинот на нивно аплицирање и да биде добивањето ваква помош транспарентно, што не се сомневаме, бидејќи и во изминатиот период тоа беше на исклучително високо ниво, рече Ристовски.

Заменик-министерот за економија и труд потсети на условите потребни за аплицирање и на роковите. Воедно ги повика сите занаетчии и невработени лица, да го искористат овој период, да се пријават во Агенцијата за вработување и да бидат корисници на некоја од мерките на Оперативниот план.

Мерката „Обука на работно место кај конкретен работодавач“ има за цел да ги подобрат вештините и квалификациите на невработените лица за нивна поуспешна интеграција на пазарот на труд. Со оваа мерка е предвидено да бидат опфатени 50 невработени лица, кои во период од 3 месеци ќе поминат обука кај конкретен работодавач. За овој период лица што ќе посетуваат обука ќе добијат месечен надоместок во висина од 12.000 денари со вклучено осигурување, додека на работодавачот ќе му биде исплатен еднократен износ од 30.000 денари по обучено лице по завршена обука. По завршување на обуката, работодавачот има обврска да вработи најмалку 50% од лицата вклучени во обуката со полно работно време во траење од најмалку 3 месеци. Максималниот број на лица за вклучување во обука е 3 лица доколку се пријави работодавач со еден вработен. Максималниот број на лица за вклучување во обука кај еден работодавач изнесува 12 лица во зависност од бројот на вработени лица.

Јавниот повик за „Обука на работно место кај конкретен работодавач“ трае до 30.11.2026 година или до потполнување на планираниот опфат на лица.

Со вториот јавен повик „Вработување и раст на правни субјекти“ се дава поддршка во креирање на нови работни места во микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации. Со мерката една компанија може да аплицира за најмногу 5 нови работни места, а сумата варира

според категоријата на лица од 160.000 до 250.000 денари, што значи дека најголемата поддршка за една компанија може да биде до 1.250.000 денари.

Јавниот повик за мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ е активен до петок (24 јули 2026 година)