Мерц смета дека Унијата мора да остане кредибилна во ветувањата за проширување 

Германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека останува посветен на идејата за воведување придружни статуси за Украина и земјите од Западен Балкан како чекор кон нивно приближување до Европската Унија.

Мерц оцени дека предлогот наишол на различни реакции во Украина, делумно поради внатрешни политички причини, но дека кај останатите лидери на ЕУ бил прифатен позитивно.

„Цели 13 години не сме примиле ниту една нова членка во ЕУ. Иако им ветивме на цела низа земји во Европа пристапување кон Европската унија“, изјави Мерц.

ЕУ не смее да го изгуби кредибилитетот

Германскиот канцелар смета дека Унијата се наоѓа пред избор – или да ги повлече ветувањата за идно членство, или да најде начин за постепено приближување на кандидатите.

„Мора или да ги повлечеме тие ветувања и да кажеме дека е невозможно некој да се приклучи, што би било најлошото решение за сите, или да одиме напред и да постигнеме одреден напредок чекор по чекор“, рече Мерц.

Тој нагласи дека губењето на довербата кај земјите кои очекуваат членство би имало сериозни геополитички последици за Европа.

„Можете да го наречете поинаку, но ако го изгубиме кредибилитетот, губиме повеќе од тоа. Ги губиме тие земји, а геополитички, тоа би било најлошото нешто што може да ни се случи нам Европејците“, додаде тој.

Мерц призна дека пристапниот процес кон ЕУ е сложен и дека можеби нема да се одвива со брзината што некои ја очекуваат, но порача дека Унијата мора да остане доследна на дадените ветувања.

Предлогот предвидува преодни статуси пред полноправно членство

Мерц го достави предлогот преку нон-пејпер до лидерите на Европската Унија на 18 мај, а јавноста беше информирана три дена подоцна.

Идејата предвидува воведување преодни форми на интеграција за земјите кандидати пред целосното членство во Унијата.

За земјите од Западен Балкан и Молдавија, предлогот предвидува статус на набљудувач во институциите на ЕУ, како и полесен пристап до единствениот европски пазар и дел од европските механизми.

За Украина се предлага статус на придружен член, што би ѝ овозможилo учество на состаноци на ЕУ и отворање преговарачки поглавја, но без право на глас при донесувањето одлуки.