Пред младите луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, како и пред високи членови и функционери на партијата, денес се обрати лидерот Христијан Мицкоски.
Тој, меѓу другото, говореше за темата Ванчо Михајлов и Бугарија.
-Си ја имаат мувата на капата поради предавствата и понижувачките решенија кои ги донесоа, па мора да се служат со лаги, подметнувања, додавања на работи кои не сум ги рекол на оваа тема за лажно да прикажат дека ВМРО-ДПМНЕ негува некаква врска со ликот чие име го носи и здружението кои тие дозволија да се отвори во градот на конзулите во Битола. Неспорен историски факт е дека Ванчо Михајлов бил во одреден историски контекст прв човек на Организацијата, исто како што е вистина дека никогаш не сум се согласувал, ниту сум ги оправдувал неговите ставови, неговиот метод на работа и неговите позиции во однос на многу суштествени теми. А историјата не е послужавник со кој можете да се почестите со работите што ви се допаѓаат, а да ги негирате тие што не ви се допаѓаат, рече тој.
Мицкоски посочи дека впрочем истово ова, истиот таков фалсификат на селектирање го прави и актуелна Бугарија.
-Организацијата ВМРО е континуитет и на најсветлите историски синови и ќерки пред чии имиња се поклонуваме и чии дела ги славиме. ВМРО е континуитет и на Груев, на Делчев, Татарчев, Петар Поп Арсов, Сандански, Карев, Узунов, Патчев, Сугарев и плејада други херои. И јас за разлика од власта имам кристални ставови и во однос на историските прашања, и во однос на тоа кои сме и што сме. Ваквата лажна кампања против мене треба да го сокрие хаосот кој го направија во државата поради проблемот со Бугарија. Па оној несреќен Ковачевски во чие присуство јавно го понижуваат и му кажуваат членовите на партијата дека Заев им е во срцето го слушам како вели дека ВМРО било блиско до бугарската политика. Но ако ова негово тврдење беше точно, тогаш многу брзо и многу лесно ќе се договоревме со Бугарија, но наспроти тоа ВМРО и јас како нејзин водач сме најкритикуваните во Бугарија, а Владата на СДСМ, Заев и Ковачевски се првите кои се договорија прифаќајќи сè што побара Софија. Дури од таму извори велат дека Ковачевски е подобар Бугарин од Заев. Барем овој претходникот глумел непопустливост и купувал неколку недели пред да стави параф на бугарскиот договор, а Ковачевски експресно без забелешки потпишувал сè што Бугарија ќе му даде на маса, и тамошната Влада и претседател викале сега му е мајката да добиеме 100 – 0, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Досегашниве години власт тоа и го потврдуваат.
-Бугарите си имаат ас во нашата политика, тоа е Димитар Ковачевски, кој лажно ме обвинува дека стојам зад клубовите кои се отворија и се дозволија под негова власт и во негово време. Не само што тоа не е точно, туку ВМРО-ДПМНЕ поднесе и закон за организации и здруженија за да се забранат токму овие здруженија и пропагирањето фашизам, кој власта, откако го поддржа, гледаме дека бараат точки и запирки за да се откажат од него, повикувајќи ја Венецијанската комисија да го испита, истата таа комисија чие мислење го множат со нула за многу други закони. И ако мене ме прашувате, овие здруженија треба да се затворат и поради прашањето за политички реципроцитет, бидејќи Бугарија го затвори македонскиот културен клуб Никола Јонков Вапцаров. А кога бугарскиов ас Ковачевски ќе говори за историски прашања, неправди и злосторства, сакам да го слушне внимателно овој повик до него. Историјата има подеми и падови, срамни и храбри страни. Такво срамно петно стои токму зад неговата партија која се прикажа за наследник на комунистичкиот режим. Истиот тој режим, и еден дел од тој политички естаблишмент направи невиден прогон врз една цела плејада луѓе кои ја сочинуваа македонската интелигенција која беше ликвидирана, рече тој.
Мицкоски го повикува Ковачевски да излезе од удобните фотелји да прошета низ народот и да ги слушне приказните и семејните драми на многу такви семејства кои ја живееле жестокоста на таквите методи на режимот чиј наследник е СДСМ.
-Да слушне лично за судбината на Костадин Динката и неговиот брат Мите, едниот прогонет и убиен од бугарските окупатори, другиот од комунистичкиот режим. За ликвидацијата и голготите на Ченто, Петре Пирузе, Панко Брашнаров, Михајло Апостолски, Методија Шаторов Шарло, Благој Шамбевски, Ристо Шишков, Драган Богдановски и редица други македонски синови. Сиве овие беа прогонети само затоа што го сакаа својот народ, и сакаа независна Македонија. Нема да има помирување додека нема исправување на неправдата и извинување. Затоа ги повикувам Ковачевски и СДС како наследник на овој режим да го осуди таквиот прогон и да се извини за илјадниците прогонети од режимот кој го ситнеше и убиваше стремежот за слободна и независна Македонија, порача Мицкоски.