Денеска е веќе петти ден како се случуваат овие блокади, овие протести. Протестираме со една цел, а тоа е да видиме што преговара двоецот Заев-Бучковски, бидејќи до сега во јавноста има една општа конфузија за тоа што преговара овој двоец, а е многу значајно затоа што од информациите кои ги добиваме од дипломатски извори од Брисел, но и од официјална Софија, тие преговараат за се’ она за кое велат дека не преговараат. А тоа се идентитетот, културата, посебноста, јазикот, наследството, антифашистичката борба, сето она за коешто велат дека не преговараат, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
-И многу е важно јавноста да ја знае вистината, бидејќи некако во јавноста се одомаќини зборот нов договор со Бугарија, односно со Софија. Јас не знам навистина до кога е потребно Зоран Заев да потпишува капитулантски договори на штета на македонскиот народ, на штета на македонскиот идентитет, но едно е јасно дека ниту тоа што до сега го работеше, ниту тоа што во иднина ќе го работи, а колку е пократка таа иднина толку ќе биде подобро за македонскиот народ и македонската држава. Нема да донесе подобри денови, нема да донесе европреспектива, нема да донесе подобар стандард, ниту повисока плата, поефтина електрична енергија, помалку корупција и криминал, многу повеќе луѓе спасени од Ковид пандемија, многу подобри услови во образованието, во здравството, едноставно тоа го можат нови политичари кои немаат концесија, луѓе коишто знаат како треба да се справат вистински со проблемите. Тоа не е двоецот Заев-Бучковски, за нив наједноставно е да потпишуваат капитулации мислејќи дека на тој начин ќе си обезбедат слобода и подолга политичка кариера, подвлече Мицкоски
Тој додаде:
-Отприлика тоа е она кое ВМРО-ДПМНЕ го бара, односно накратко кажано, кажете што преговарате. Не е толку тешко да кажете што преговарате. Се надевам дека нема да се премисли Бујар Османи и дека утре ќе дојде во парламентот и пред пратениците отворено ќе зборува за тоа за што преговара, но без празни флоскули, дланката на срце, колку се тие погодени, колку се сите разочарани, тоа не треба народот да го знае. Тоа го знаеме. Народот знае дека не ги бива, бидејќи денеска требаше да биде третата годишнина од првиот датум којшто го добивме, со онаа позната слика во авиончето. Но за жал, три години подоцна ниту датум, ниту почеток на преговори со Европската унија, а полноправно членство во Европската унија е се уште далечна и неостварлива цел од оваа денешна појдовна точка.
-Така што се надевам дека ќе останат барем еднаш на зборот и отворено ќе зборат пред македонската јавност и пред граѓаните чии што пари ги трошат најпрвин гледајќи фудбалски натпревари со службениот владин авион, а потоа шетајќи на фотосесии низ Брисел. Тоа што го донесоа е само срам и капитулација.