Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија им го честитам денешниот празник Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.
Светите Кирил и Методиј со своето дело ја задолжија не само сесловенската, туку и европската и светската култура и на тој начин со златни букви се запишаа во историјата и националната меморија на целиот словенски род, ова денеска по повод празникот Св.Кирил и Методиј го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Нивната посветеност е пример дека ниедна цел не може да остане недостижна, доколку силно се вложиш и макотрпно работиш. Со својата просветителска работа, преведувањето на мноштво книги на старословенски, но пред се создавањето на глаголицата како словенска азбука, тие станаа факелот кој го осветли патот на милиони Словени и на тој начин ги спаси од асимилацијата која тријазичната ерес сакаше да им ја наметне“, вели Мицкоски.
Тој додава дека нашата гордост како Македонци е дотолку поголема, што нивниот темел на старословенскиот јазик како основа на нивната дејност, беше говорот на македонските Словени од околината на Солун. Македонскиот јазичен извор ја напои жедта на целиот словенски род и на тој начин ги спаси од одродување.
„Нам, како генерација ни преостанува да го чуваме нивното дело и да бидеме горди на нивната работа која повеќе од еден милениум живее како тука во Македонија, така и речиси во половина Европа“, вели Мицкоски.