Конгресот како мост меѓу минатото и иднината

На отворањето на 18-тиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, претседателот Христијан Мицкоски порача дека Македонија стои пред избор кој ја мери зрелоста на нацијата.

„Во секој политички миг постои прашање што ја мери зрелоста на една нација: дали сме генерација што сака да го продолжи обичајот на очекување, или да ја прекине навиката на одложување? Денес, овде, изборот веќе е направен. Нема враќање назад. Овој конгрес не е само наша организациска обврска; тој е мост меѓу она што бевме и она што мора да станеме. И токму затоа, нашата одговорност не е да ја повториме историјата, туку да ја создадеме иднината што тие пред нас ја посакувале, а ние сме должни конечно да ја реализираме“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека секој чекор што се презема не е само политички потег, туку државничка потреба.

„Сето што го говоревме денес не е политичка желба, туку државничка потреба. Затоа што државата не може да чека. Иднината не може да се паузира. Македонија нема едно столетие да се подготвува за тоа што треба да го направи денес. Ова е моментот кога мора да ја избереме зрелоста пред личните комфорности, долгорочноста пред ситните пресметки, обединувањето пред поделбата. Затоа што народ што се плаши од сопствената сила станува плен на туѓите слабости. А народ што верува во својата мисија станува пример и за себе, и за светот.“

Силата на визија, знаење и принципи

Мицкоски истакна дека најголемата промена не доаѓа од декларациите, туку од луѓето што одбиваат да се помират со статус кво.

„Во сите овие години научивме дека најголемата промена не доаѓа од декларациите, туку од луѓето што одбиваат да се помират со тоа дека ова е максимумот на државата. Македонија има многу повеќе капацитет, многу повеќе талент, многу повеќе неискористена сила од она што го гледаме. Нашата задача е да ја ослободиме. Да го запалиме тој жар. Да го вратиме чувството дека оваа земја не се води според инерција, туку според визија. Не според притисоци, туку според принципи. Не според страв, туку според достоинство.“

Тој нагласи дека ова е почеток на нов политички модел, базиран на одговорност, резултати и самоуверена државност.

„А ова, почитувани, е само почеток. Почеток на еден нов политички модел. На една нова линија на одговорност. На една државност што не се брани со зборови, туку со резултати. На една Македонија што не се извинува што постои, туку самоуверено ја гради својата позиција во Европа и во светот. Ние не сме тука за да наследиме тишина; ние сме тука за да создадеме поколение што нема да живее во страв, туку во можности.“

Мицкоски додаде дека секоја генерација има одговорност да не ги повтори грешките на претходниците.

„Нема да биде лесно. И ќе има моменти кога товарот ќе биде тежок, а патот полн со искушенија. Но ако нешто нè научи историјата, тоа е дека македонскиот народ никогаш не се предавал кога било најтешко. Ние сме народ што знае да издржи. Народ што знае да се исправи. Народ што знае да почне одново и да стигне подалеку отколку што некој верувал. Оваа генерација нема право да биде послаба од оние пред нас. Нема право да ги повтори туѓите грешки. Нема право да ја остави државата во подобен хаос отколку што ја нашла. Имаме право само на едно: да направиме повеќе, подобро и посилно.“

Деценија на зрелост и единство

Во завршниот дел од говорот, Мицкоски ја истакна потребата од обединување и поддршка за стратегијата „Визија 2030“.

„Затоа, од овој конгрес испраќаме една порака што треба да одекне низ секој град, секое село, секое семејство и секое срце: Македонија може. Македонија знае. Македонија ќе успее. Со визија. Со работа. Со единство. Со сила што не се гледа само во говори, туку во секојдневното креирање просперитет. Нашата задача не е да ветиме иднина, туку да ја создадеме. А ако стоиме цврсто, обединети и сигурни во правецот, тогаш иднината ќе личи на нас – а не ние на неа.“

Мицкоски заврши со порака за новата етапа на зрелост и одговорност:

„Денес, пред оваа сала, ја затвораме една етапа на неизвесност и ја отвораме деценијата на зрелоста. Деценија во која државата не само што ќе опстане, туку ќе расте. Ќе се стабилизира. Ќе напредува. Ќе стане пример. Деценија во која ќе покажеме дека политиката може да биде чест професија, дека лидерството може да биде служба, а државата заеднички дом што го чуваме и го градиме со љубов, упорност и дисциплина. Ова е нашата обврска. Ова е нашата чест. И ова е нашата заедничка мисија.“

„Драги пријатели, секое време бара прилагодување. Ние мора да се прилагодиме на времето кое доаѓа и на генерацијата на која мораме да и дадеме шанса. Ова е словото врз кој го темелиме идниот развој. Заедно и обединети, за визија која ќе ја гради државата и заедничката иднина. Ве повикувам да ја поддржите оваа стратегија и пропратните доктринарни, стратешки документи, визија и планови. За сите идни чекори ќе се задржам подоцна во моите излагања на конгресот.“