„Најавивме борба против криминалот и корупцијата, реформата ја поддржаа половина милион граѓани“. Вака мандатарот Мицкоски одговори на прозивките од министерот во заминување, Лога, за плановите за распуштање на Советите на судии и на јавните обвинители.

Сепак, тој посочи дека во процесот нема да влезе без да ги слушне мислењата на експертите. Мицкоски не смета дека Брисел и Вашингтон ќе се противат на таквиот чекор, а му забележа на Лога дека не успеал да ја подигне довербата во правосудството.

„Господинот Кренар Лога имаше можност во својот мандат, наместо да има судството доверба кај граѓаните 2,3,5%, да направи реформи и таа доверба да ја зголеми. За жал ја пропушти. Сега ќе дојде некој друг на негово место којшто, се надевам дека ќе успее барем двоцифрена да ја направи. И тоа многу двоцифрена. За жал, тој одлучи наместо да работи за граѓаните, плодна почва од каде што ќе се изнајдат кадрите во Обвинителството посебно и судство да биде Зајас. Мислам дека лоша локација на гугл мепс нашол, требало да најде поинаква, а тоа е во канцеларијата на министерот за правда, со експертите да работи и да соработува“, изјави Христијан Мицкоски.

Министерот Лога, пак, смета дека ЕУ и САД нема да се согласат со распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.

Министерството за правда веќе претстави законски измени за Судскиот совет, со коишто треба да се спроведат препораките на Оценската мисија на ЕУ.