Најавувајќи пресврт, ново доба во функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ, лидерот Христијан Мицкоски го честиташе 31. роденден на ВМРО-ДПМНЕ. Вели ВМРО-ДПМНЕ е партија чија основа е, како што посочи, грижата за нашата земја, во секој поглед, национален и општествен, културен и економски.

Мицкоски даде одговор на прашање кое му било поставено на една негова скорашна теренска посета на општинските комитети низ Македонија.

Добив едно навидум едноставно, но многу комплексно прашање од еден млад човек, ме праша што за вас е ВМРО? ВМРО-ДПМНЕ е партијата која секогаш ги водела најтешките битки за својот народ, која имала заслужени подеми, но и заслужени порази. Која учела од грешките и како феникс се издигнувала од пепелта, затоа што и била потребна на Македонија. Трпела удари, силни удари, неправди, стигматизации… но никој не може да каже дека не била авангарда, градител на модерните текови, носител на решенијата потребни на луѓето на Македонија. И никој нема право да каже дека не сме се бореле за Македонија. Сме се бореле и ќе се бориме, затоа што Македонија е нашето сѐ – нагласи пред присутните во Античкиот театар во Охрид каде вечерва ВМРО-ДПМНЕ го одбележува партискиот роденден.

Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ е и неизбежна емоција, каде, како што самиот вели, многу често се одлучувало со срце за работите, и затоа поминувале низ бури и невремиња.

31 година од партијата, а ми се чини дека видов баш се од тоа за што говорам во овие четири години на исклучителни предизвици. Секој претседател на ВМРО-ДПМНЕ имал свои искушенија, ама јас видов баш сѐ, и има навистина голема вистина во цитатот дека „тоа што нема да те убие, ќе те направи посилен“. Затоа што јас освен да успеам, заеднички да успееме да ја издигнеме партијата, а со тоа и државата, друга опција немаме. Откажувањето не е опција, кога целта е бесцената, а тоа е Македонија. А мотивот преголем, и оправдан – рече Мицкоски.