Дел од циркускиот церемонијал предводен од претседателот Пендаровски нема да биде делегација на ВМРО-ДПМНЕ, одговори денеска Христијан Мицкоски за тоа дали ќе бидат дел од настанот што го организира претседателскиот кабинет во Крушево по повод утрешниот празник Илинден.
Пендаровски пред два дена на брифинг со новинарите кажа дека одлучил оваа година да не држи говор туку да организира централен настан во 18 часот на кој ги поканил сите лидери на политичките партии во земјава. Тој кажа дека на народот му е доста од говори и се решил за ваков концепс со цел да ја деескалира атмосферата на Мечкин Камен која често е проследена со навреди и разединува.
Мицкоски, пак, најави дека ќе биде во Ташмаруништа од каде ќе каже што мисли за начинот на кој Пендаровски решил да го одбележи Илинден.
– Јас традиционално 2 Август го поминувам во едно преубаво место, Ташмаруништа, кое се наоѓа во близина на Струга и таму се одвивала жестока битка за време на настаните кои се дел од Илинденското востание. А што се однесува до овој нов начин на импровизирано чествување на најголемиот празник, ова што денеска се случува е класична импровизација и што имам да кажам поврзано со ова, ќе го кажам во мојот десетминутен говор утре во Ташмаруништа, рече Мицкоски.