– Ние ги споделуваме тие вредности со ЕУ и навистина ова е крајно време ЕУ на дело да ги покаже своите вредности и да ги напушти оние хегемонистички барања на нашиот источен сосед коишто немаат никаква врска со европските вредности, туку тоа се едни барања коишто се можеби соодветни за 2-3 века во минатото, а не за два или три века во иднината, порача Мицкоски.

Прашан дали опстојувањето на сегашната Влада зависи од почетокот на преговорите, Мицкоски одговори дека „векот на оваа Влада зависи од тоа колку побргу ќе се вразумат дека во суштина се нефункционални“. Според него, решението е во „брзи избори час поскоро“, со цел „државата и граѓаните да излезат од оваа политичка, економска и енергетска криза“.

Мицкоски оцени дека влегувањето на Алтернатива во парламентарното мнозинство и во Владата е „последниот чин на обидот за уништување на Македонија во режија на Зоран Заев и СДСМ“.

– Ова што го гледам, а што се случува изминативе денови претставува политичка некултура и препелкање на самиот Зоран Заев и СДСМ и обид колку толку да го продолжат својот политички век на траење на неколку недели, изјави Мицкоски.

Според него, политиката се свела на трговија „како на зелен пазар“, наместо да се зборува за стратегија за визија, вредности, проекти, развој, а дебатата се сведува на тоа кој колку добил министерски и директорски места и членови во управни и надзорни одбори.

– Мојата порака е конечно овие политичари да се вразумат, да се стават над ситуацијата, да не ги гледаат своите интереси, да работат за интересите на народот и за интересите на Македонија, бидејќи навистина работата е веќе дојдена до крајни граници, вели Мицкоски.

Прашан „дали незадоволството на ДОМ, ЛДП и Партијата на Турците“ е шанса за ново парламентарно мнозинство, Мицкоски со одговор дека во владината коалиција „сите се незадоволни“.

– Во разговори со мене сите се таму незадоволни. Таму не знам кој е задоволен, па дури и тие во СДСМ меѓу себе кажуваат, изразуваат незадоволство. Пластелин коалиција, реков. Оваа коалиција е само неколку недели да биде продолжен политичкиот век на траење на неколкумина од врхушката на СДСМ и последен обид во режија на Зоран Заев да се доуништи и она што е преостанато и што вреди во оваа наша татковина Македонија. Жалам што ќе мора да бидеме сведоци уште некоја недела на она што ќе ни го приреди Зоран Заев и СДСМ, но ние ќе се бориме со сите демократски алатки коишто ни стојат на располагање час поскоро да издејствуваме предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски.

Што се однесува до новите министерски места без ресор, според Мицкоски, тоа е оптоварување со непотребен трошок на Буџетот на државата, што го полнат стопанството и граѓаните.

Во врска со барањето на Алтернатива за меѓународната ревизија на неколку судски процеси, Мицкоски со став дека е непринципиелно да има политички договор за судски процеси.

– За какво независно судство зборуваме? Ние одамна зборуваме за „Рускоска обвинителство“ и „Кацарска судство“ и ве повикувам вас медиумите да истражите што се случи со оние прислушувани разговори на обвинители и судии, скандал којшто се објави мислам дека беше 2018 година. Ве повикувам да го прашате МВР. Тогаш министерот рече дека се на сигурно, што се случи со тоа – кој снимал, зошто снимал, за кои потреби снимал и која е содржината на тие материјали. Повикувам го истражите тоа и конечно јавноста да добие одговор на оваа дилема којашто ја имаме веќе неколку години, а политички договор за судски процеси е навистина за мене несфатливо и навистина се чудам како е возможно воопшто да се седне и да се разговара на таа тема, а уште повеќе да се коментира во јавноста, рече Мицкоски.

Прашан дали има противкандидат за избор на позицијата лидер на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски вели дека не знае и досега не се заинтересирал. Конгресот на партијата ќе се одржи в недела во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје.