Градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски денеска ги додели „зелените” сертификати и штедливи лед-светилки, на граѓаните кои се пријавија на јавниот повик, како дел од кампањата „100 проценти одржливо греење” за одбележување на употребата на одржливи системи за греење и ладење, информира Општина Карпош.

– Преку вас, сакаме да ги охрабриме и другите граѓани да користат обновливи извори на енергија. Овој процес не е тренд, туку потреба да го намалиме загадувањето и штетната емисија на гасови во атмосферата. Токму затоа, Општина Карпош го спроведува овој процес речиси 13 години, со цел да ја одржиме здравата животна средина, изјави Јакимовски.

Општина Карпош, пред два месеци распиша јавен повик преку кој можеа да се пријават сите заинтересирани жители, заедници на сопственици и управители на згради, кои во рамки на својот објект ќе вградат системи кои користат обновливи извори на енергија, наместо фосилни горива. Од Општината информираат дека на повикот се пријавиле вкупно 60 индивидуални домаќинства кои го имплементирале ова енергетско-одржливо решение.

Кампањата за одржливо греење се организира во рамки на проектот „REPLACE”, во кој учество зедоа три скопски општини, Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров. Проектот е финансиран од програмата за истражување и иновации на Европската Унија – „Хоризонт 2020″.