Денес јавно и отворено предлагам до Ковачевски заедничка и јавна средба на која ќе разговараме и ќе договориме, датум за одржување на предвремени парламентарни избори како природно решение за состојбите во Македонија. На тој состанок имам намера да предложам 4 тима, составени од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе бидат составени од луѓе со искуство и луѓе кои се покажале и докажале во минатото во 4 акутни области во кои се детектирани клучните проблеми во нашата земја, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес конференција во партиското седиште.

Како што посочи Мицкоски на лидерската средба ќе предложи четири тима во делот на економијата, надворешната политика, здравство и образование и ќе работат без привилегии за да им помогнат на владата и граѓаните да излезат од акутни проблеми во општеството и тензијата во која што живеат.

-Четири тима кои ќе работат заедно со тимови од власта во меѓу периодот од сега до денот на одржување на предвремените парламентарни избори. Про боно без никакви права и привилегии. Тука сме да и помогнеме кога на Македонија и е најтешко. И тоа првиот тим во делот на економијата ќе го предводат двата потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот пратеник и потпретседател Владо Мисајловски и потпретседателката Гордана Димитриеска Кочоска. Во тимот ќе бидат како предлог професорот Трајко Славески, членот на ИК Маја Кадиевска Војновиќ и поранешниот министер и вицепремиер на владата Зоран Ставрески. Вториот тим е за надворешна политика и преговорите поврзани со нашиот источен сосед, ако има што уште да се преговара бидејќи според информациите кои што доаѓаат до нас веќе Ковачевски се аминувал, тука ги предлагам двајцата потпретседатели Александар Николоски и Тимчо Муцунски, потоа претседателот на собраниската комисија за надворешни работи, Антонијо Милошоски, амбасадорот Марјан Ѓорчев и професорката Гордана Силјановска Давкова, потенцираше претседателот Мицкоски.

-Третиот тим во делот на здравство каде што мислам дека е потребно огромна поддршка во овој меѓупериод за да им се помогне пред се на граѓаните да имаме хумана мисија, да нема партизација, да нема поларизација, и тука тој тим ќе го предводи вонреден професор, доктор Игор Николов, дел од тој тим ќе бидат и пратеникот доцент доктор Синиша Стојаноски, потоа членот на ИК доцент доктор Ристе Симеонов, потоа доктор специјалист Игорче Џиковски и примариус доктор Жаклина Шопова. Четвртиот тим ќе биде тим кој што ќе им помогне во делот на образованието, него ќе го предводи професор доктор Весна Јаневска, а во тимот ќе бидат пратеничките Бети Стаменковска и Благица Ласовска. Исто така во тим ќе биде насловниот доцент Христина Серафимовска, како и членот на ИК на партијата магистер Марија Митева, изјави Мицкоски.

Претседателот Мицкоски потенцираше дека на предвремените парламентарни избори народот сам ќе може да одлучи во каква држава сака да живее и каква иднина сака да гради.

-Ова нема да биде шведска маса, на која премиерот може да бира што му се допаѓа, а да одбива тоа што не му допаѓа. Туку пакет се за подобра иднина на Македонија. Дефинираме дата, а во меѓупериодот овие луѓе се тука, про боно, без привилегии да и помогнат на Владата, без партизација, без политизација, за да можат да се решат акутните проблеми во општеството и да ги ослободиме граѓаните од тензијата во која што живеат. А, потоа на предвремените парламентарни избори народот нека одлучи во каква држава сака да живее и каква иднина сака да има, порача Мицкоски.