Разговараме со многу политички партии, нашата стратегија е јасна. Ние формиравме Комисија за преговори со политичките партии и таа беше поддржана и изгласана и од Извршниот и од Централниот комитет. Планираме прво да разговараме со политичките партии од постојната Коалиција и тоа ќе се случи во првата половина на февруари, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашното гостување на 24 Анализа што се емитува на ТВ24.

Лидеерот на ВМРО-ДПМНЕ како временски интервал го определи февруари. Тој рече дека партијата ќе разговара со сите други партии кои имаат желба за коалиција или намера да пристапат кон ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа ценам дека би требало да биде во втората половина на месец февруари. Во март да ја затвориме структурата на Коалицијата со која ќе настапиме на следните претседателски и парламентарни избори. И потоа официјално да почнеме кампања“, кажа Мицкоски.

Мицкоски информираше дека преку размена на идеи ќе има коалиција која ќе ја порази оваа владина гарнитура.

„И очекуваме со нашите сегашни и идни партнери да размениме идеи, да настапиме со документ и таа програма со која ќе излеземе на избори ќе биде и владина програма“, рече Мицкоски.