Денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски заедно потпретседателот на партијата Владо Мисајловски и членот на ИК Драган Ковачки оствари средба со специјалниот претставник на Обединетото Кралство, Сер Стјуард Пич, кој беше придружуван од амбасадорот Метју Лосон во Република Македонија.

На состанокот се разговараше за актуелната состојба на европскиот континент и потребата од солидарност. Меѓу другото и за енергетската криза, од која Македонија особено е погодена.

ВМРО-ДПМНЕ како партија е силно за борбата со криминалот и корупцијата, заложба која не ја гледаме кај власта, и поради која сметаме дека е неопходно да дојде до промени.

Од страна на претседателот Мицкоски беше истакнат и планот Македонија под влада на ВМРО-ДПМНЕ да стане целосно енергетски стабилна, во однос на производството на струја, што ќе значи безбедност за државата и за системот на НАТО од кој сме дел. Но и интензивирање во работата на гасоводите и диверзификација на изворите.

Од страна на специјалниот претставник господин Пич беше истакнато дека Обединетото Кралство ќе продолжи со поддршката за напредокот на земјата и животот на нејзините граѓани.