Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Зрновци порача дека Владата ќе ја засили динамиката на капиталните инвестиции, меѓу кои и изградбата на браната Отиња во Штип. Тој потенцираше дека целта е завршување на крупните проекти до крајот на годинава или најдоцна во првата половина од следната година, како и старт на нови развојни вложувања во општините.
„Наша стратешка цел ќе биде сè што е почнато и заглавено да го одглавиме и да ја засилиме динамиката на реализација и тоа го правиме. Пуштаме патишта, пруги, капитални инвестиции, меѓу кои е и браната Отиња“, изјави Мицкоски при поставување на камен-темелник за Дом за стари лица во Зрновци.
За проектот Отиња, тој посочи дека првичните пресметки покажале недостиг од 2 милиони евра, но со ребалансот веќе се обезбедени дополнителните средства.
„Со ребалансот се обезбедени и тие средства, па од 6 дојде на 8 милиони евра. Значаен проект“, рече премиерот.
На прашање за изградбата на браната Речани, Мицкоски нагласи дека проектот е во фокусот на Владата, но дека мора да се утврди одговорност за досегашните застои.
„Јас знам, но институциите се занимаваат. За жал, некој се поигрувал со државните пари, како и многу работи во минатото. Апсолутно да, тоа е во нашиот фокус и не треба да имате дилема бидејќи и за самото Кочани, кое ќе биде најголем корисник на тој капацитет, тоа ќе значи помали трошоци во процесот на водостабнување кај граѓаните бидејќи нема да се користат бунари, па да се плаќа скапа електрична енергија. И ако ја пресметаме внатрешната стапка на поврат на подолг рок, таа е во корист на граѓаните, општината, државата“, изјави тој, додавајќи дека истрагата за злоупотребите е во надлежност на Обвинителството.