– Денеска овде од Охрид ќе зборувам за две теми кои што исто така се содржани во концептот Македонија за сите луѓе. Првата е мојот данок, за мојот проект во мојата општина. Сите вие плаќате данок на имот овде, не само во Охрид, туку секаде во Македонија, сите вие годишно еднаш плаќате данок на имот кој што го поседувате вие или вашите блиски. Тој данок денеска најчесто завршува во некоја кафана или во некои непродуктивни трошоци. Граѓаните на Охрид ќе имаат можност самите да изберат за кој проект нивниот данок ќе се троши, но не само во Охрид, туку и низ цела Македонија. Јас сакам мојот данок да биде потрошен за ново игралиште во Лесковец, за нова улица во Велгошти или пак за некој нов парк овде во центарот на Охрид, а не да заврши во некоја кафана со некое ново патничко возило, за некое патување или за некои непродуктивен трошок. Вие ќе бидете господари на вашите средства, а општината ќе биде транспарентна и отчетна на веб страната ќе бидат објавени проектите и ќе има бројач, како ќе се полнат вашите средства во тие проекти така тие проекти ќе се реализираат. Вие сте господари на вашиот проект и вашиот град, не градоначалникот, не општината, не администрацијата. Нема никој повеќе да ве краде, нема веќе кој да ги краде охриѓани, нема кој да ги краде граѓаните во Македонија затоа што вие плаќате за вашиот проект во вашата општина, вели Мицкоски.
Втората реформа за која Мицкоски зборуваше пред присутните е нова реформа а тоа е децентрализација на институциите, односно како што потенцираше со оваа реформа министерството за култура како и сите државни културни институции ќе бидат преместени во Охрид.
– Втората работа за која што сакам да зборувам е институционалната децентрализација. Тоа е една крупна реформа со која што ВМРО-ДПМНЕ ќе се зафати и тоа нема да биде преку ноќ, можеби ќе треба повеќе време, можеби ќе требаат повеќе години, но еднаш засекогаш мораме да почнеме и да го најдеме местото на секое нешто онаму каде што тежи. Охрид е како што кажав не само на Македонија, Охрид е и на целиот свет, и е културна престолнина, како што кажа Велика нашиот Ерусалим и тука треба да бидат сместени сите државни културни институции и управи, а на крај и самото министерство за култура, тоа се вика институционална децентрализација, институциите таму каде што им е местото. Културата и министерството треба да бидат овде во Охрид. Ова ќе биде сериозна реформа, ова ќе биде реформа која што ја заслужуваат охриѓани во културата, во секоја општина граѓаните ќе добијат децентрализирана државна институција, да развиваме насекаде низ Македонија, секоја педа македонска почва да ја развиеме. Овде и е местото на културата, тука во Охрид и сите управи и сите институции ќе бидат овде пренесени а на крај ќе биде и самото министерство за култура, институционална децентрализација, кажа Мицкоски.
Мицкоски порача дека само економски силна држава може да биде јака држава со задоволни граѓани, додавајќи дека токму затоа е потребно граѓаните да го поддржат концептот Македонија за сите луѓе.
– Ние гледаме во иднината, само економски силна држава може да биде јака држава. Само економски моќна држава, има задоволни граѓани кои што си ја сакаат својата држава и се големи патриоти, си ја љубат секоја педа сопствена земја и се почитуваат меѓусебе. Денеска имаме една спротивна работа од ова што го зборувам, имаме сиромашни граѓани, луѓе кои што за жал се незадоволни од ова тешко и болно секојдневие. Затоа нас ни треба концептот Македонија за сите луѓе, затоа ве повикувам драги мои охриѓани уште во првиот круг да ја завршиме работата и да го избереме нашиот доктор Кирил Пецаков. Да победиме за Охрид, да победиме за Македонија, порача Мицкоски.