Никола Груевски и Сашо Мијалков се најдоа на црната листа на САД. Од Стејт департментот сметаат дека поранешниот премиер и екс директорот на УБК преставуваат закана за стабилноста на регионот на Западен Балкан и тоа преку корупција, криминал и други незаконски активности.
Од тие причини, САД ги замрзнува имотите и забранува секакви трансакции со лица од САД. Санкциите не се однесуваат само на Груевски и Мијалков, туку и на нивните семејства.
Ова практично значи дека семејството на Мијалков ќе ја изгуби франшизата за хотелот „Мериот“, кој е американски бренд. Мијалкови нема да можат да извршуваат трансакции со Америка, што значи дека ќе го изгубат правото да го користат овој брендoт „Мериот“.
„Никола Груевски е осуден и останува осомничен во повеќе случаи за корупција, а обвинет е и за злоупотреба на службената положба, перење пари и други прекршоци во периодот додека беше премиер, од 2006 до 2016 година. Груевски се смета за одговорен, за соучесник или за дирекно или индирекно поврзан со корупција или поткуп во Западен Балкан за лична или политичка цел“, велат од Стејт департментот.
Стејт департментот смета дека делата на Груевски и Мијалков го поткопуваат владеењето на правото, демократијата, довербата во институциите и во Владата.
„Мијалков е инволвиран во шема за местење на гласови и во процес на незаконско прислушкување на 20.000 лица, вклучително политичари од спротивниот табор, судии и новинари, со што обезбедил политичка и економска добивка. Мијалков се смета за одговорен, за соучесник или за дирекно или индирекно инволвиран во активности или политики, што го поткопуваат демократскиот процес и институциите во Западен Балкан“, информираат од Стејт департментот.
Велат и дека ќе продолжат да ги користат сите расположливи алатки за борба против корупцијата во Западен Балкан.
„Овие акции се однесуваат на борбата со корупцијата. Не се работи за политичка акција, ниту намера за поддршка на било која политичка партија во која било од државите каде воведовме санкции за конкретни личности. И ќе продолжиме да го правиме тоа секогаш кога ќе видиме и ќе докажеме корупција“, велат од Стејт департментот.
Покрај Груевски и Мијалков, на црната листа на САД се најдоа уште петмина високи поранешни функционери од другите земји од Западен Балкан.
Од Стејт департментот велат дека ваквата одлука е резултат на посветеноста на САД за борба против корупцијата во Западен Балкан, како приоритетен и најсериозен проблем во регионот. Затоа ќе продолжат со поддршка за зајакнување на владеењето на правото.
Мирјана Јовеска