Управата за матични книги од утре стапува во генерален штрајк, преку кој ќе побара да се донесе колективен договор на ниво на работодавач, линерано да се покачат платите и да се унапредат работните позиции, најавија денеска од Независниот синдикат на Управата за матични книги.

Според претседателот на Независниот синдикат на Управата за матични книги, Тони Милошески, оваа одлука следи откако, како што рече, им било ставено до знаење дека нема да бидат прифатени нивните барања.

-Во Министерството за правда на наменскиот состанок за донесување на колективниот договор од страна на претставникот на Министерството јасно ни беше ставено до знаење дека предлогот колективен договор нема да биде усвоен, па токму ова е само една од причините за донесување на одлуката за генерален штрајк, рече Милошески на прес-конференција пред Владата.

Според него, колективниот договор е потребен како за вработените, така и за самата Управа.

-Вработените се соочуваат со одредени специфични работи кои треба дополнително да се уредат со колективниот договор. Носењето на овој договор е повеќе од потребен како и на вработените така и на самата Управа, бидејќи ќе се подобрат правата на вработените, а Управата ќе добие работници помотивирани за извршување на своите работни задачи, рече Милошески.

Како едно од барањата тој го спомна и линеарното покачување на платите.

-Порастот на минималмната плата донесе до изедначување на платите кај вработените со најразлични статуси, ние како Синдикат сметаме дека треба да има линеарно покачување од причина што трошоците за живот во континуитет растат, а платите на вработените долги години наназад воопшто не се покачени, дури и одредени вработени земаат под минималната плата која е загарантирана со закон, подвлече Милошески, потенцирајќи дека во Управата мора да се врши одговорно унапредување на вработените.

Претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Марјан Ристески, пак, порача надлежните да не дозволат да се случи истото што и со СОНК.

-Оваа проблематика веќе подолг период се одолговлекува и трепнието е при крај, имавме ние одредени разговори, но никој не ги сфаќа сериозно. Министерот за финансии буквално кажал „нема за вас пари“. Спремни сме да разговараме за да не се случи истото што се случи со СОНК, ако некој чека да се почне со штрајк за да се преговара, тоа нека му служи на чест. Ние сме свесни за состојбата во која се наоѓа државава, но треба некој да го слуше гласот на работникот, оцени Ристески.

Од Синдикатот изразија надеж дека заедно со Владата и Министерството ќе изнајдат заедничко решение во најкраток можен рок.