Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на фејсбук објави фотографија од допис од 23.02.2024 од МВР на Италија во кој е наведено дека, по препорака на Европската Комисија, 25 членки на ЕУ донеле одлука да се дозволи слободно движење со валидни пасоши со името Република Македонија до крајот на септември 2024 година. Оваа одлука не ја прифатиле само две земји членки, и тоа Грција (со официјален допис доставен до Комисијата) и Франција (неофицијално известување до ЕК).
МВР на Италија во дописот напоменува дека одлуката е донесена заради заштита на правото на слободата на движењето, а за периодот после крајот на септември граничната полиција дополнително ќе добие инструкции како да постапува, напиша Милошоски.
„Во истиот овој период многу некоректна беше постапката на министерот Османи кој ја криеше оваа информација за одлуката на 25 членки на ЕУ, која и тогаш и денес е многу важна за слободното движење на стотици илјади македонски државјани кои престојуваат во ЕУ.
Врв на оваа негрижа кон македонските државјани беше тоа што на 6ти февруари амбасадорот Весел Мемеди (Рим) направи скандал со доставување на официјална дипломатска нота до италијанските власти во која патните исправи на кои пишува „Република Македонија“ ги прогласи за неважечки.