Реформата на државната управа треба да воспостави јасни правила за организацијата на институциите, прецизна распределба на надлежностите и посилна одговорност во корист на граѓаните и стопанството, порача министерот за јавна администрација Горан Минчев на јавната стручна дискусија „Новата архитектура на државната управа – принципи, надлежности и функционалност“, посветена на Нацрт-законот за организација и работа на органите на државната управа.

Отворајќи ја дебатата што се одржува денеска во Скопје, Минчев оцени дека досегашниот модел на организирање на државната управа довел до фрагментација на институциите, преклопување на надлежностите и недоволна отчетност, што, како што рече, се одразило врз квалитетот на услугите кон граѓаните и деловната заедница.

Според него, целта на новата законска рамка не е само организациска реформа, туку создавање појасен, предвидлив и одржлив систем на функционирање на државната управа, усогласен со принципите на добро владеење и европските стандарди.

– Повеќе од две децении, јавната администрација беше свесно фрагментирана, распарчувана и претворана во мозаик од институционални феуди. Секоја политичка криза, секој партиски договор во минатото, се плаќаше со создавање нови агенции, паралелни дирекции и непотребни комисии кои постоеја сами за себе, трошеа народни пари, а не одговараа пред никого. Граѓаните и стопанството со години беа туркани во лавиринти од преклопени надлежности, каде што секој орган креваше раменици, а никој не ја преземаше одговорноста за лошите резултати – рече Минчев.

Новата архитектура на државната управа – принципи, надлежности и функционалност

Тој нагласи дека реформата е насочена кон државната управа како јадро на јавната администрација и дека не претставува реорганизација на сите институции во јавниот сектор. Според него, новите законски решенија треба да обезбедат воспоставување јасни критериуми за основање органи на државната управа, нивно функционирање и одговорност.

– Рационализацијата не значи однапред зададена бројка на органи, ниту се сведува само на отстранување на преклопени надлежности. Суштината е да се воспостават општи и јасни правила за тоа кога и зошто се основа орган во состав, кои функции ги врши и каков е неговиот однос со министерството во чиј состав е основан. Кога се предлага нов орган, мора да има јасно образложение за неговата функција, надлежностите, ресурсите и причините поради кои задачите не можат соодветно да се извршуваат во постојната организациска поставеност – истакна министерот.

Во обраќањето посебен акцент беше ставен и на потребата од јасно разграничување меѓу политичката одговорност и професионалното постапување на администрацијата. Минчев посочи дека политичкото раководство треба да ги креира политиките и стратешките насоки, додека административните постапки мора да се водат исклучиво врз основа на закон и стручност.

– Потребна ни е државна управа што не зависи од волјата на поединци, туку работи според јасни и стабилни правила во која политичката одговорност е видлива, професионалноста е вреднувана, а јавните средства се користат за потребите на граѓаните. Тоа е и европскиот стандард кон кој се стремиме – држава што не само што ги донесува законите, туку има капацитет доследно да ги спроведува – нагласи Минчев.

Министерот информира дека Нацрт-законот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде е отворен 30-дневен рок за консултации, а текстот е доставен и до сите министерства и координаторите на пратеничките групи во Собранието за мислења и забелешки. Тој потсети дека законот ќе треба да биде донесен со двотретинско мнозинство, што, како што рече, бара поширок политички и општествен консензус.