Власта и опозицијата во клинч за покачување на минимална плата. Синдикатите на иста линија со СДСМ дека минималецот треба да расте и да биде 500 евра, а Владата најавува договор со синдикатите до крајот на месецот. Димитриеска Кочоска најавува и договори меѓу работниците и работодавачите.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска повтори дека Владата нема да субвенционира дел од придонесите за минимална плата од 500 евра и дека во буџетот не се предвидени средства за тоа. Исто така, негираше каков било судир меѓу Владата и ССМ, нагласувајќи дека ќе ја почитува секоја одлука која ќе ја постигнат синдикатите со работодавачите.
„Јас мислам дека бев многу јасна во однос на минималната плата и кажав: нека се договорат работодавачите и работниците колку едните можат да испорачаат, колку другите можат да платат. За нас ќе биде прифатливо сето тоа што ќе го договорат. Имаат меѓусебен дијалог и што ќе прифатат, ние сме должни како Министерство за финансии тоа да го обезбедиме“, истакна Димитриеска Кочоска.
Опозициската СДСМ ја обвини власта дека економијата тоне, животниот стандард на граѓаните се влошува, а платите стагнираат. Тие бараат Владата да обезбеди средства за зголемување на минималната плата на 500 евра. Доколку тоа не се случи, најавуваат дека нивната пратеничка група ќе поднесе закон за зголемување на минималецот.
„Последната изјава дека нема пари за поголеми плати уште еднаш покажува отсуство од реалноста. Тоа значи дека стандардот на граѓаните ќе продолжи да се намалува, граѓаните ќе имаат сѐ помалку пари и нема да можат да ги покријат високите трошоци за живот. Парите од буџетот мора да бидат наменети за граѓаните“, изјави Сања Лукаревска, пратеничка од СДСМ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинија за здружување на СДСМ со ССМ, тврдејќи дека тие повторуваат тези за да го закочат развојот на државата.
„Барањата за субвенционирани придонеси се камен за сопнување смислен од СДСМ, а реализиран од ССМ, кој е препознаен од народот како манипулација. Крајниот план на СДСМ е застој во развојот на државата, а ССМ, под водство на Слободан Трендафилов, кој одработува за неговата позиција, е само алатка“, изјави пратеникот Бране Петрушевски.
Засега нема најава кога ќе се одржи следната седница на Социо-економскиот совет. Сепак, Владата најави дека следната недела ќе се формира комисијата за утврдување на репрезентативноста на синдикатот, по што ќе се донесе одлука за минималната плата. Договорот треба да биде постигнат до крајот на месецов.