Медицинските сестри и акушерките претставуваат суштински столб на здравствениот систем и нивната улога е незаменлива во сите сегменти на грижата за пациентите, од превенција до рехабилитација. Ова го истакна министерот за здравство Азир Алиу на одбележувањето на Неделата на сестринството во Скопје, која се одржува од 5 до 12 мај, при што 5 мај е Ден на акушерките, а 12 мај Меѓународен ден на медицинските сестри. Настанот го организираше Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Република Македонија.
Нови вработувања и зголемување на платите
Министерот Алиу информираше дека Министерството за здравство активно работи на зајакнување на кадарот во јавните здравствени установи. Во изминатите два месеца се реализирани над 1.250 нови вработувања во јавниот здравствен сектор, при што значителен дел се медицински сестри.
„Периодов Министерството е посветено на зајакнување на кадарот во јавните здравствени установи и само за два месеца направивме силен исчекор со вработување над 1.250 лица во јавноздравствениот сектор, а голем дел од нив се токму медицински сестри. Со ова, праќаме порака дека државата ја вреднува вашата работа, вашиот труд и вашата посветеност. Во делот на финансиска стимулација, минатиот месец го потпишавме Колективниот договор со Синдикатот на вработените во Клиничкиот центар и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, за покачување од седум отсто со мартовската плата, а потоа имаме утврдена динамика и за наредни покачувања на платите во наредните години“, рече Алиу.
Тој додаде дека институциите остануваат посветени на унапредување на здравствената инфраструктура, како и на подобрување на статусот, образованието и професионалниот развој на медицинските сестри.
Недостиг на акушерки и предизвици во примарното здравство
Дипломираната акушерка Тања Трајковска укажа дека постои недостиг од акушерки, особено на примарно ниво, каде што се евидентирани најголемите проблеми.
„За да бидете акушерка, треба да имате завршено високо образование. Со средно училиште не можете да бидете акушерка, затоа што акушерството самото по себе не е само професија, туку и една уметност што во себе ги вклучува и грижата за мајката и за бебето“, изјави Трајковска.
Порака испрати и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, кој нагласи дека силни медицински сестри значат и силни здравствени установи.
