Министерството за транспорт се огласи во врска со сериозниот инцидент што се случи на 25.05.2026 година на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, во близина на Католичката црква, каде дел од земјиштето се сруши при ископни работи на градилиште. Од Министерството јасно посочија дека, согласно позитивните законски прописи, единствено надлежен орган за постапување во овој случај е Општина Центар.
Со ова, Министерството го направи она што е во негова надлежност, односно ја информираше јавноста и ја повика надлежната општина во најбрз можен рок да постапи согласно законските обврски. Според соопштението, Општина Центар и нејзините инспекциски служби, за градбите од втора категорија, треба да утврдат дали свлечиштето довело до оштетување на патната инфраструктура, канализациската мрежа и уличното осветлување.
Воедно, општината треба да обезбеди соодветна заштита на граѓаните и нивно безбедно движење во непосредна близина на оштетениот простор. Министерството за транспорт ја повика Општина Центар итно да ги расчисти сите наводи околу овој инцидент.
