Министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ кои се и членки на Шенген зоната денеска одлучуваат на проширување на тоа подрачје чиишто одлики се исклучување на засебна внатрешна контрола и слободен проток на луѓе и стоки.
На маса пред министрите е проширување на Шенген зоната со три земји – Хрватска, Бугарија и Романија.
Предлогот е формулиран во два документа – едниот се однесува на Хрватска, а другиот на Романија и Бугарија.
Без оглед на тоа каква одлука ќе биде донесена од министрите како претставници на нивните влади, таа одлука мора да биде потврдена од парламентите во земјите за да стане валидна.
Засега се укажува на тоа дека Хрватска ќе добие зелено светло бидејќи се смета за безбедна земја, но повторно ќе треба да се чека потврда од парламентите.
Што се однесува до Бугарија и Романија, нема консензус кај земјите членки на Шенген зоната. Австрија е против влез на двете земји и нема индиции дека оваа позиција би можела да се промени во текот на денешниот ден. Холандија, пак, го поддржува влезот на Романија, но не и Бугарија. Според холандската влада, Бугарија не води доволно грижа за безбедноста на своите граници, не ја почитува европската мигрантска политика, а земјата е заглавена во корупција.