Благодарност до македонскиот народ кој на секаде на македонските патишта излезе да каже гласно „не“. Не на францускиот предлог и не на асимилацијата на македонскиот народ. Овде нема партии, нема поделеност само народ кој се бори за своите правдини. Тука сме сите заедно да кажеме не и не“, истакна Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ кој ја предводи блокадата на патот Велес-Штип кај Сарамзалино.
Тој рече дека ова што сакаат да го направат Бугарите е директно мешање на внатрешното уредување на Македонија поради тоа што сакаат да го измениме Уставот, да ги смениме историјата и учебниците.
„Ние Македонците да си го кажеме својот глас и затоа благодарност до сите граѓани кои дојдоа мирно да го искажат својот гнев затоа што тоа е демократско право. Од друга страна, гледате дека власта на еден нетранспарентен, на еден нехуман начин сака да го пренесе предлогот во парламентот кој не одлучува за тоа. Ова е една парада од Владата дека навидум има некакви консултации во Собрание и да покажат на Европа дека тоа има некаква улога. Нека престанат со лаги и манипулации и народот нека го види тој протокол што го кријат. Ниту новинарите го немаат протоколот. Ние сакаме Македонија да биде стабилна земја и развиена земја, но сакаме и никој да не нè понижува“, порача Мисајловски.