После извештаите за засилени активности на бугарски организации во Пустец (државна амбуланта со истакнати бугарски знамиња за време на бесплатни прегледи и јавни тврдења за „жители со бугарски корени“), јасно се гледа дека нашиот источен сосед продолжува со обидите да проголта колку може од нашиот идентитет.
Бугарските потези личат на мисионерска и колонијална практика во претходните векови: се нуди помош во замена за преобликување на идентитетот, а економската ранливост на Македонците во Албанија ги прави жртва на една поголема стратегија.
Политиката на Софија е брутална и промислена – од првиот до последниот чекор. Целта е целосно опкружување на Македонците преку разградување на заедниците надвор од матичната држава и наметнување на наратив дека македонскиот идентитет е наметнат преку домашниот образовен систем и „постои само во Македонија“.
Теоријата која Бугарија постојано ја пласира дека нашиот идентитет е „вештачки“ – дело на Тито, Србите или Коминтерната, добива на тежина.
Асимилаторската политика е проста и примитивна, но функционална. Децении запоставеност на Македонците во Албанија го отворија теренот за пасоши, ветувања и статистики. Денес гледаме „бугарско малцинство“ таму каде што реално не постоело – купено со документи и очекувања.
Последните седум години беа фатални за Македонија и за борбата на Македонците за својот индетитет. СДСМ не само што го еродираше идентитетот дома, туку не помогна и не застана против асимилацијата на Македонците во Албанија. Меѓу пописите 2011 и 2024 бројот на Македонци таму се преполови, а „од никаде“ се појавија 7 илјади Бугари.
Бугарија денес може да прикаже дека и меѓу Македонците во Албанија има несогласување за идентитетот и дека значаен дел се чувствуваат како Бугари. Тоа им ја храни тезата и ја легитимира стратегијата.
Останува да ги задржиме луѓето кои не подлегнаа на притисокот: со реална, континуирана и видлива поддршка – присуство, институции, инвестиции, културна и образовна инфраструктура. Не декларации, туку дела.