Владата со нови информации за контролите по трагедијата во Кочани: „Системот е расипан, но нема да замижуваме“

На денешната прес-конференција, пред медиумите се обратија портпаролот на Владата на Република Македонија, Марија Митева, директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски, и директорот на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, Синиша Стојаноски.

Митева: „Доказите се јасни – утврдени сериозни прекршувања“

Митева ја започна прес-конференцијата со нови информации за контролите што ги спроведува Државниот пазарен инспекторат и истакна дека од 12 објекти со активна важечка лиценца, три не исполнуваат основни технички услови, а сепак работеле со дозвола. За останатите девет, проверките продолжуваат.

„Последните инспекции потврдија сериозни регулаторни прекршувања. Доказите се јасни. По однос на ваквата состојба, веднаш до Министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценците, забрана за вршење дејност и сите можни казнени одредби согласно законот.“ – изјави Митева.

Таа додаде дека тимови на инспектори се постојано на терен и дека проверките ќе продолжат и во наредните денови.

Дополнителни контроли и истраги

Владата планира да направи и проверка на сите објекти кои во минатото работеле без важечка лиценца.

„Она што се случи во Кочани не е само изолирана трагедија – тоа е симптом на расипан систем наследен од долгогодишна корупција. Ниту ќе замижуваме, ниту ќе заштитуваме“, порача портпаролката.

„Граѓаните бараат правда – и ќе ја добијат.“

Контролите продолжуваат, а јавноста ќе биде редовно информирана за сите нови наоди.