Шилегов со прекинувањето на договорот со првиот скопски извиднички одред и со оградувањето од активностите кои предизвикаа жестоки реакции во јавноста дава директно признание и докажа дека стравува од одговорност за тоа што Град Скопје е донатор на вакви проекти, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Вели дека поради скандалот кој се случил во извидничкиот камп во моментот малолетно девојче посетува психолог поради трауми, организаторите на настанот се повикани на распит, а Шилегов само тивко се обидува да ја одбегне одговорноста која ја има како донатор на проектот.

-Дополнително, Шилегов се обидува да ја манипулира јавноста со тврдења дека во проектната документација доставена до Град Скопје ја нема наведено спорната активност ниту имаат доставено каква било информација која би укажала на одржување на истата. Согласно извештајот на веб страната на првиот скопски извиднички округ може јасно да се види дека во 2019 година, градот Скопје бил донатор на истиот овој проект. Ова е Годишниот извештај од првиот скопски извиднички одред и јасно се гледа дека донатор е Град Скопје. Шилегов како градоначалник е должен да биде отчетен пред скопјани за тоа каде и како се трошат средства од градската каса. Шилегов има обврска да даде одговор дали се информирал за тоа кој е обучувач за сексуалното образование кое го нуделе на младите, од каде добиле дозвола за негово спроведување, колку време се спроведува оваа обука, како во детали изгледале активностите, дали се изведувани повеќе години наназад и која е целта на кампот?, прашува Митева.

Посочува дека со години се слушаат скандалите кои се поврзани со Шилегов и начинот на работење во Град Скопје, со месеци слушаме скандали за енормно високи цени за јавните набавки и за спорните тендери.

Требаше овие четири години Шилегов да се занимава со вакви суштински работи кои се од големо значење за развојот на младите во Скопје.

Време е да создадеме нова иднина, и време е Шилегов да биде минато.