Зачестени напади врз функционери

Зачестија нападите врз функционерите деновиве. По запалениот автомобил на директорот од КПУ „Идризово“ и смртните закани кон претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, сега на мета се најде и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Митко Јанчев под смртни закани

35 годишен кавадарчанец вчеравечер му се заканувал на градоначалникот Митко Јанчев. Откако го здогледал во автомобил, влегол по него во угостителски објект каде скришил неколку чаши и уптаил директни закани кон првиот човек на Општина Кавадарци.

Прифатено е извинувањето

За вчерашните „немили настани“ тој најпрво телефонски, а потоа дошол и во кабинетот на градоначалникот му се извинил. Вели дека вчеравечер бил во пијана состојба.

– Бев во пијана состојба, го навредив Градоначалникот признавам. Му се извинив и сега сум со него и повторно му се извинив. Нема да се потори ова уште еднаш. Бев во алкохолизирана состојба а пијам и некои апчиња и така се случи тоа, рекол 35 годишниот кавадарчанец за Канал 5 телевизија.

Митко Јанчев го прифати извинувањето. Првиот човек на Општина Кавадарци вели дека ваквиот немил настан не е убав ниту за самиот сторител бидејќи поради сите проблеми кои ги имал, дополнително не му било потребно и ова.

Случајот е расчистен од полицијата

Стигна официјална потврда од СВР Велес за инцидентот.

– Синоќа во 23.35 часот во Кавадарци, полициски службеници од Полициската станица Кавадарци го лишиле од слобода П.Н.(35) од Кавадарци, затоа што агресивно се однесувал кон М.Ј.(43) од Кавадарци и му упатил закани. Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од полицијата.