Во објава на Фејсбук, Никола Мицевски нагласи дека неовластеното следење и прислушкување на опозициски лидери, новинари и бизнисмени претставува сериозна закана за слободата и довербата во институциите.
„Кога службите што треба да ја гарантираат нашата безбедност биле злоупотребувани за лични и политички цели преку неовластено следење и прислушкување на политички опоненти и неистомисленици, тогаш се губи довербата во целиот систем. Тоа не е само нарушување на приватноста и кршење на законите, туку и опасен преседан што ја подрива демократијата и државата“, напиша Мицевски.
Тој постави низа прашања кон јавноста и обвинителството:
Кој, како и зошто во ОЈО дозволил злоупотреба и неовластена употреба на ПИ мерки?
Зошто и за која цел биле прекршени законските процедури?
Дали токму затоа СДС и ДУИ во Собрание не гласаа за недоверба и смена на јавниот обвинител, Љупчо Коцевски?
„Токму затоа, уште еднаш го повикуваме обвинителството веднаш да реагира и да спроведе темелна и сериозна истрага, за да добиеме гаранција дека секој граѓанин ќе биде заштитен од ваква брутална злоупотреба на механизмите и системот“, заклучи Мицевски.