Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Македонија е во фаза на засилен економски развој со нов бран странски инвестиции и позитивни резултати во земјоделството. Тој посочи дека во тек е реализација или финално договарање на повеќе стратешки проекти што треба да отворат нови работни места.
– Во почетна фаза на реализација, или во фаза на потпишување договори за државна помош и слично се околу 17 проекти, во вкупна вредност од над 650 милиони евра кои што треба да обезбедат некаде помеѓу 4.500-5.000 нови директни работни места и очекувам оваа година најголемиот дел од овие проекти да бидат отпочнати со производство, што, исто така, ќе додаде вредност во вкупниот бруто-домашен производ на државава, а колку е тој поголем, толку повеќе ние ќе имаме пари за реализирање на ваков вид капитални инвестици – изјави Мицкоски по увидот во изградба на автопатот Гостивар-Букојчани (Коридор 8).
Тој додаде дека покрај инвестициите во ТИРЗ, се реализираат и проекти надвор од зоните.
– Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари – рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека земјоделството бележи позитивни резултати и повторно станува важен економски столб, особено во последниот квартал од годината.
– Навистина импресивни се резултатите во земјоделието во четвртиот квартал, повеќе од двојно е поголем извозот во земјоделието отколку увозот на земјоделски производи. Само во четвртиот квартал имаме околу 12,5 милијарди денари што е навистина импресивна бројка, споредено со целата година, имаме преку 450 милиони евра извоз на земјоделски производи, наспроти околу 200 милиони увоз – рече тој.
Мицкоски додаде дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци.
– Земјоделието повторно станува одличен драјвер на македонската економија. За жал, откривме дека дел од лицата кои се декларираат како земјоделци всушност ги злоупотребуваат субвенциите. Во новата програма поддршката ќе ја добиваат вистинските земјоделци, кои реално произведуваат и придонесуваат – рече тој.
