Премиерот истакна дека Македонија дала премногу изминативе децении и нема да прифати услови што го разнебитуваат идентитетот. Членството во ЕУ, според него, не смее да биде под наметнати услови
Членство во ЕУ останува цел кон која се стреми државата, но не по секоја цена, порача премиерот Христијан Мицкоски во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5.
Мицкоски се осврна на блокадите од страна на Бугарија. Но, и на условите кои ѝ се поставуваат на Македонија за членство во ЕУ.
„Сите сме за ЕУ, и сите сакаме да бидеме во ЕУ, но не по секоја цена. Затоа што да беше ова прво нешто, нема никаков проблем ќе седневме ќе разговараме. Овој народ, и овие граѓани и оваа држава дала премногу како никој друг што не дал, и преку глава им е на граѓаните од таков тип политика, сега или никогаш, прозорецот е отворен, сега е моментумот, од Солана го слушаме“, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека барањата не се нови и потсети на серијата отстапки направени изминатите години.
„Не се ова први измени што се бараат“, рече тој, додавајќи дека „се менуваше нашиот идентитет, од знамето до името, се тоа е дел од основните темелни вредности на еден идентитет, атрибути коишто го дефинираат идентитетот“, нагласи Мицкоски.
Тој истакна дека овие прашања не се само за сегашноста, туку и за генерациите што доаѓаат.
„Тоа што сега го правиме ќе има влијае во иднината, и тогаш тие генерации ќе судат кој што правел и како прави“, рече тој.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ и Владата што ја предводи ќе останат на позицијата дека европската иднина мора да биде без нови уцени и без нови барања за промена на идентитетските атрибути.