Премиерот најави целосна одговорност за сите инволвирани во криминал и неправилности
Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Тема на денот“ на ТВ Сител порача дека нема да има толеранција за оние кои се вмешани во неправилности, без разлика на нивната политичка, етничка или верска припадност.
„За сите оние кои што било како допринеле со милиметар да се случи ова кое што се случило, ќе има одговорност, без разлика дали се тие од ВМРО-ДПМНЕ, дали се од СДСМ, ДУИ или од некоја друга политичка партија. Без разлика дали се Македонци, Албанци или други, без разлика дали се христијани или муслимани. За секој оној за кој ќе биде утврдена одговорност – ќе одговара“, истакна премиерот.
Истражување на сите случаи, без селекција
Според Мицкоски, ќе се истражуваат не само актуелните случаи, туку и тие што во минатото предизвикале сомнеж кај граѓаните.
„И не само за овој случај. Ќе одговараат за многу други случаи кои во минатото кај граѓаните оставија чувство на сомнеж дали навистина сè е постапено како што требало. Сега е моментот сè што било сокриено да биде откриено и решено“, нагласи тој.
„Нема запирање – ќе одиме до крај“
Премиерот беше дециден дека Владата нема да се повлече од борбата против криминалот.
„Ние тргнавме и запирање нема. Ќе одиме до крај. Сакаа да го видат крајот, епа ќе го видат крајот!“, порача Мицкоски.
Овие изјави доаѓаат во време кога институциите засилено работат на истраги за повеќе случаи кои предизвикаа реакции во јавноста.
Извор: Република