Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на фактот што Македонија доби највеќе средства од ЕУ за реформската агенда и ставот на опозицијата, изјави:

„Па видете, мислам дека тоа што го говори опозицијата и не заслужува коментар. Така што тој дел ќе го прескокнам. Но, сакам само да ги предупредам македонските граѓани дека, претпоставувам атмосферата во опозицијата е една специфична. И како резултат на таа специфична атмосферата понекогаш имаме во текот на денот различни ставови за една иста тема, а понекогаш дури и тие самите се доведени во ситуација да се демантираат во текот на денот.

Но, која е вистината и кои се фактите? Фактите се дека, рековме дека од последни во групата Западен Балкан 6, ќе бидеме први. Се зафативме со жестока работа, веднаш по завршувањето на локалните избори и еве веќе во оној јануарски извештај, ние сме први. Сега следи јунскиот извештај на крај од јуни. Имаме интензивна комуникација со господинот Герт Јанг Копман. Работиме сите портфолија во рамките на Владата и очекувам оваа позиција да ја потврдиме и сега после јунскиот извештај и овие триесетина, триесет и еден милион коишто се директна буџетска поддршка на крајот од годината, да се доближиме до бројката 100. Директна буџетска поддршка кога на тоа ќе се додадат и финансирањата и средствата предвидени за проекти, таа бројка ќе биде неколку стотици милиони евра и така продолжуваме и во периодот којшто следи.

Сите оние коишто се молат да не успее оваа Влада, а на тој начин се молат да не успее и државата и граѓаните, за жал имам лоша вест за нив, ќе мора да сведочат на многу успеси коишто ги прави оваа Влада. Се сеќавате како ликуваа кога излезе, за нив омилените бугарски медиуми, она интервју на известувачот Вајц, па потоа никаде ги нема тие глодари да излезат и да го коментираат интервјуто на господинот Вајц, кога јасно кажа дека има реформи коишто впрочем со овој извештај и Европската комисија го потврди.

Се сеќавате ни велеа ќе доаѓал бран на мигранти, еве дојде мај месец, ќе помине и мај месец, они велеа од април, па нема ни мигрант, односно мигрант како резултат на оној договор со Обединетото Кралство.

Се сеќавате минатата година водеа кампања само што не сме банкротирале, а ние денеска велиме дека и покрај сите предизвици во светот и во Европа, имаме успеси во македонската економија. И според растот на бруто домашниот производ сме во првите три, во првите пет во Европа, колку тоа и да наиде на потсмев кај одредени структури коишто јас ги нарекувам талог на ова општество.

Но како и да е, целта на оваа Влада е да се бори за граѓаните, да го испорачува тоа што го ветила, истовремено да ги исправа сите оние погрешни политики коишто беа политики на ограбување, политики на грабеж, политики на понижување, себе омаловажување, коленичење. Тие политики оставија голема трага и за жал, ние ќе мора уште некое време да се позанимаваме сето тоа, коешто беше уништено 7 години Влада СДСМ и ДУИ да го коригираме и сега сме прилично успешни во тоа.

И затоа имам лоша вест за овие глодари коишто сѐ би дале оваа Влада да не успее и Македонија да не успее. Ќе мора да ги гледате успесите на Владата уште долго време, а наскоро и само пред малите екрани, бидејќи ќе бидете политичко минато.“