Македонија се соочува со сериозна и неправедна блокада во нејзините интеграции. Мора да влеземе во Европската Унија, но притоа да останеме сочувани и достоинствени, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски од свечената академија што по повод Денот на сесловенските просветители се одржа во црквата Свети Софија во Охрид.
-Нашите одлуки ја одредуваат нашата иднина. Ако се држиме цврсто и обединето, без оглед на тоа кој е на другата страна, ќе останеме цврсти, а споделената мака е помала мака. Токму тоа јадро било разнишувано и удирано во историската судбина на Македонија. Македонија се соочува со сериозна и неправедна блокада во нејзините интеграции. И можам да ги разберам, иако не ги оправдувам, позициите на Бугарија, рече Мицкоски во своето обраќање.
Уште еднаш повика на народно и интелектуално обединување порачувајќи дека мора да се бориме за она во што веруваме и концептот на обединување да се постигне на здрава основа.
– И да кажам дека нема пари, нема моќ и нема причина поради која би го предал мојот народ или би направил нешто, било што, на негова штета, рече Мицкоски.
Порача дека државата мора да влезе во Европската Унија, тоа е неминовно, но мора да останеме сочувани и достоинствени.
-Мора да се бориме за она во што веруваме и концептот на обединување мора да се постигне на здрава основа. Направив сè за да подадам рака кон опозицијата, да се обединиме. Тие секоја шанса ја испуштија и нема постојано да чекаме тие да се одоброволат за да делуваме заедно за националните интереси. Затоа јас повикувам на народно и интелектуално обединување на државата. Тоа што некои се претседатели на политички партии во опозицијата и ја имаат таа улога, не значи и дека се лидери на оној дел од народот кој сеуште го дава својот глас и поддршка на тие луѓе. Одбивајќи да се обединиме за националните прашања, тие се осудени на пропаст. Стануваат маргинални служители на туѓите интереси. Затоа вистинското обединување е народното. Затоа повикувам да се обединиме сите кругови во општеството и да си подадеме рака. Ова е последната шанса за Македонија. Мораме да ја искористиме. Ќе разговарам со секој, ќе го мотивирам секој кој сака да помогне и да се вклучи во процесот на Македонија која забрзува и оди напред. Одбирам да се борам и да работам за нашата иднина, порача премиерот.
